Image (1)

Iskra Peneva (Beograd): Otkriće

Hvatali smo oblake

U ribarske mreže

Nosili ih kućama

Stavljali na tanjire

Delili na jednake časti

I gutali halapljivo

Postajali smo privid

Podizali pogled ka nebu

I tražili odgovor

Neosetno se približavali

Mislili o otkucajima srca

To je ludost

Budili su nas anđeli

Pogađali nam glave kamenjem

Padali smo na tle

Onesvešćeni

Trenutak slobode je bledeo

Vreme je za susret

Sa buđenjem

Image

Зоран Пејковски: СЕГА ЗНАМ

СЕГА ЗНАМ

на Љубе Цветановски

 

Сега ти сон стокми,

сон на вечноста,

оти доцна за разговор е,

а имавме толку многу

да муабетиме,

за Слојштичките води,

што го миеjа твоето

утринско лице,

за Петрета,

за Владета наш,

за Бели Mост

што ни ја дели куќата од реката,

за се ‘, а малку кажавме.

 

Сега знам,

сега е доцна за разговор,

оти се спуштија

сите небески параболи

во фокусот на времето запрено,

во темното дно на конечноста.

 

Сега знам,

веќе нема да испловат корабите,

од здивот на бесмртноста

што расејуваше со поглед

преку океаните.

 

 

Сега знам,

колку отворени патишта

ги запаметија твоите смирени чекори,

колку цивилизации проговорија

со твојот јазик.

 

Сега знам,

сега е доцна за разговор

со бестелесната опсесија на сонот,

никој не испловил

од понорниците на животот.

 

Брату,

пријателу,

биди спокоен на оваа пловидба

по вселенските океани,

оти сите ќе сме ти

вечни чувари

на заветот кон иднината,

кон вистината,

кон Тебе.

Image (1)

Душица Илин: СКОПЈЕ 1963

Еве ме oсамена

Како знак

Пред Распетието

Заробена во грлото

На неодгатливиот збор

Од морниците

Во наносот на урнатините

Развеани

Во подземните ходници на

Скопје

 

Еве ме

Збунета стојам

Пред спуштените

Сончеви прозорци

Во страв од Темното

Што го запре Утрото

Куќите и

Минатото

Луѓето

И  Вардар

За вечни времиња

Да го отсонуваат

Неразбраниот трепет на

Земјата

 

И  еве ме

Ја  барам

Во Срцето

Причината

Што уште во Изгревот

Ја задоцни Молитвата

За Големата Голгота

Image (1)

Душица Илин: ЗДРАВИЦА

Ова вино е здравица за нашите деца

Распрчкани по светските пустелии

По метрополи во кои ги

Препознаваат своите копнежи

Во заветот на моето срце

Бунтовници мои додека не напуштаат и заминуваат

Ова не е здравица

За оние кои ќе ни се вратат

И ќе личат на луѓе

Кои во Големото

Пронашле лековити допири

Штом во очите ја препознале тагата

За оние за кои никогаш не дознавне

Кога се вратиле

 

Ова вино е здравица

За сите гласови во осама

Закопани длабоко под земјата

За смртноста наша

Која со восхит не исчекува

Со ширум раширени раце

 

Се молам

Ова вино

Да го здравуваме за здравје

Сè додека заоѓа и разденува

И  нам

И на виновата лоза

Slika

Славица Петровиќ Тодорова: Бајка

ОСТРОВОТ НА САМОВИЛИТЕ

Седеше со главата потпрена на рацете на жолтата клупа во сивата градина. Беше заробена на Островот на Самовилите. Околу неа темновиолетови печурки ја красеа градината. Тоа беа џуџињата. На пурпурното небо силно светеше волшебната сина месечина. Ѝ се восхитуваше, зашто толку силно блескаше што зраците на каменото сонцето на сивата порта оживуваа и го топлеа сивилото околу неа. Брановите на океанот кои го заплискуваа брегот со себе го донесоа мирисот на јоргованот од нејзиниот дом. Тоа беше мирис на спокојство и љубов.

Кога ги погледна малите виолетови џуџиња печурки, спокојот ѝ го нарушија сеќавањата.

– Мамо, да одиме во продавницата и да го купиме кадифеното мече, – ја влечеше мајка си за здолништето кон продавницата.

– Леа, ти реков дека ќе го купиме другпат, – ѝ одговори мајка ѝ, ја повлече за рака и се упатија дома.

Леа беше лута. Беше гневна бидејќи не можеше да го добие она што го сака, а таа беше научена секогаш да го добива она што го сака. Во тој миг не ја сакаше мајка си, не сакаше да ѝ прозбори ни збор откако се вратија дома. Се втурна во својата соба, се фрли на креветот и се покри со прекривката преку глава. Не одговори ни кога мајка ѝ ја викна на вечера. Не сакаше да јаде, не сакаше да седи на иста маса со неа, зашто не сакаше да ѝ го купи кадифеното мечето.

– Оф, колку згрешив, – прошепоти како за себе и испушти тивка воздишка.

Немото сјаење на полната месечина како да ја осветлуваше нејзината душа, а не сакаше да се сеќава, зашто тогаш мислеше и на тагата на мајка ѝ и татко ѝ.

– Колку ли се загрижени, моите драги родители, – се јадосуваше Леа.

Не знаеше како стигна на Островот на Самовилите, но копнееше да се врати дома, во прегратката на мајка ѝ. Овде самовилите беа различни, не наликуваа една на друга. Пегаз беше нивната кралица.

– Леа, ајде дојди да вечераш, – ја викна самовилата Пеперуга. Со своите зелено-жолти крилца леташе околу неа и ја канеше на вечера. По неа долета и самовилата Змеј. Таа не зборуваше, само ѝ упати прашален поглед на Леа.

– Не сакам, не сум гладна, – рече Леа.

– Знаеш дека нашата кралица самовилата Пегаз многу ќе се налути, – ѝ рече самовилата Змеј. – Таа сака сите да бидеме на масата, сите заедно.

– Но мене ми недостасува мојата маса, ми недостасуваат мајка ми и татко ми – плачливо им се обрати Леа.

– Ајде, не плачи, дојди.

Леа се упати кон големиот зелен салон, каде што малите самовили вредно ја подготвуваа масата, како пчели во кошница. Кога сè беше подготвено, влегоа Пегаз и лукавиот трол Лукијан. Лукијан, малиот трол со долг нос и долги влакнести раце беше главниот советник на кралицата Пегаз. Леа забележа дека е замислен и се прашуваше зошто.

Пегаз беше кобила со долги нежни крилја. Седна на челото на масата и сите заедно вечеравме. Не чувствуваше непријателство, но не се ни чувствуваше пријатно во ова друштво на необични суштества.

По вечерата излеговме во градината, а Лукијан ни пушти филм. На филмското платно блесна Леа. Сите ја гледаа сцената кога Леа ја влече мајка ѝ за здолништето и вреска. Леа се вџаши.

– Леа, ти знаеш зошто си овде, – ѝ се обрати Пегаз. – Знаеш дека беше неправедна кон мајка ти.

– Да, врисна Леа, знам, и никогаш нема да го повторам истото, само пуштете ме да одам кај мама.

– Не е така лесно, – ѝ одговори Пегаз. – Ако сакаш да си одиш дома, треба да засадиш јоргован, кој ќе расцвета и ќе ја врати бојата во градината.

– Ама, како? Овде има само песок. Како да засадам јоргован на песоклива земја? – очајно проговори Леа.

Но Пегаз не го слушна нејзиното прашање, зашто веќе одлета кон прозорецот на својата кралска соба.

– Не грижи се, Леа, јас ќе ти помогнам, ќе најдеме начин, – ја тешеше тролот Лукијан.

– Но тоа е невозможно, не можеме да засадиме јоргован на песоклива земја, – објаснуваше Леа.

– Ти оди легни си, утрото е помудро од вечерта, – ѝ рече Лукијан.

Леа замина на спиење, а Лукијан остана во градината. Отиде до брегот и свирна на своето волшебно кавалче. До него доплива сирената Марта. Лукијан ѝ ја објасни задачата што ја доби Леа и таа се нурна во океанот кон соседниот брег.

Утредента кога стана од спиење, Леа погледна низ прозорецот и се изненади – до клупата во градината, наместо, песок имаше земја и едно дрвце. Тоа беше јоргован.

– Но, како? – праша Леа

– Ќе ти кажам, но сега треба ти да го засадиш – ѝ одговори Лукијан.

Го засади дрвцето, го полеа со вода и чекаше тоа да израсне. Тоа беше волшебна земја, па јоргованот израсна за само неколку дена. Цветовите на јоргованот го раширија својот мирис, мирис на пролет, на љубов, на убави мигови. Џуињата печурките занесно ја вдишуваа миризбата и еден по еден го добиваа својот вистински лик, беа сини, жолти, розови.

Долета и Пегаз, и Пеперуга, и Змеј, и сите жители на Островот на Самовилите. Прв пат Пегаз се насмеа. Сивилото доби боја, песокот исчезна, зелена трева се посла низ градината, сивата порта засвети во златен сјај, а сонцето на неа ги брануваше своите зраци.

– Па, браво, Леа, успеа! – радосно извика Пегаз и направи пируета во воздухот. Сите ѝ ракоплескаа и се радуваа, дури и сирената Марта се правеше салто во водата.

– Да, но немаше да успеам да не беше Лукијан.

– Знам, знам, малиот трол ти помогна, но тој ни помогна и на сите нас.

– Како? – се изненади Леа.

– Мојот лукав Лукијан знаеше дека само ти можеш да ја вратиш бојата во градината, зашто не си како нас. Но тој сакаше и да почувствуваш како е да се грижиш за некого, за нешто што ти е толку важно и скапоцено. Неговата пријателка Марта се погрижи да добиеш земја и гранче од јоргован, а останатото беше твоја работа. Ако не успееше, не само што ти ќе останеше заробена на островот туку и ние ќе останевме заробени во сивилото на градината. Леа, не заборавај, твоите родители се грижат за тебе како да си дрвце јоргован што треба да расте на песоклива земја.

Леа ја научи лекцијата. Се разбуди во прегратката на мајка ѝ и силно ја гушна.

– О мамо, моја драга мамичке. Не сакам ништо да ми купуваш, само сакам секогаш да бидеш до мене, – ѝ рече Леа и ѝ беше драго што сето тоа било сон.

Низ прозорецот до неа допре мирисот на јоргованот од дворот. Во главата ѝ одекнуваа зборовите на Пегаз. Не е сигурна дали се беше сон, но оттогаш ја слушаше мајка си и беше среќна што некој со безусловна љубов се грижи за неа.

unnamed

Сузана Ѓорушевска: ПТИЧЈО ГНЕЗДО

Да ја започнам бајката во која мојата фамилија се состоеше од мајка ми Кристина, сестра ми Славица…Принцеза ја викавме…бидејќи ни раскажуваше бајки навечер…брат ми Драган Голубарот, го нарековме, затоа што ги обожаваше гулабите скришум ги чуваше во подрум, без да знае мајка ми и помалиот брат Илчо Локумот бидејќи сите го сакавме…беше најмалиот во фамилијата! Мене ме викаа Сузана Дрвен адвокат. Бидејќи многу зборев. Секој пат кога ке ги повторуваме детските сеќавања, со солзи се смееме имитирај ки ги  случувањата.

Шароликата зграда од разни комшии, беше драматична, така да еден ден ја прашав мајка ми:

– Мамо што има Геновева комшивката од петти спрат на главата, нешто има големо, и зошто се намирисува толку многу кога поминува по скалите, нагоре надоле?

– На главата има гнездо за птици! Одговори со смеа! А, мирисот го става да не дојде никој до неа и ја украде птицата.

Аха, значи има птица, а каква е таа птица, ја праша Илчо. -Златна е, му одговори.

-Можам ли јас да ја видам и да ја имам, не’ праша Илчо? Имаше само три години…

-Да, може сите му одговоривме. Меѓутоа како времето минуваше Илчовата желба тлееше. Еден ден Илчо не’ праша.

– Зашто се плашите од Геновева, таа е малечка, ајде да ја замолиме ако сака да ми ја даде да ја погалам птицата …ми ветивте! Го знаевме тоа, но знаевме декa е неостварливо. Вечерта го скроивме планот, да ја заробиме и да го украдеме гнездото, токму во нашиот влез, додека се симнува. Јас и Славица, додека Драган ќе чува стража во влезот.Секој на својата позиција спремни, ја исчекувавме …притоа го дишевме нејзиниот јак мирис.   Геновева се симнуваше, и тропаше со штиклите.

–”Напаѓаме”- беше гласот на Славица. Ја зграпчивме Геновева од сите страни, таа легна на патосот и почна да бара помош, додека јас и Славица и го влечеме гнездото, кое

никако не се издвојуваше од главата, таа врискаше и викаше…

-Ке ве казнам за ова, ке ве кажам на мајка ви! Илчо, се смееше и рипкаше.По некое време се откажавме, не успеавме, а таа побегна надолу. Добро што не видовме колку е љута! Со празни раце се вративме дома. Илчо плачеше…

-Ја сакам златната птица. Повторуваше. Драган  му донесе еден Гулаб и со водени боици ги обоил крилата на гулабот жолти. Цел ден Илчо весело си играше и го галеше и хранеше и му стави име Геновева.

Вечерта, заѕвони звоното и се слушна силно тропање на вратата..мајка ми ја отвори.Гласот на Геновева грмеше, а ние се криевме, Илчо и Драган под креветот, Славица во ормарот, а јас позади мајка ми адвокатски. Се’…се’ и

изнакажа на мајка ми. Додека мајка ми и објасни дека и таа е виновна бидејќи има недоразбирања и нема да се повтори… убедливо, јас довикнав…ние сме само деца и мислевме дека носиш гнездото на главата! Таа се налути и ја тресна вратата. Толку беше мајка ми црвена во лицето, што помислив…што следува. Казна!

Мајка ми на наше изненадување почна толку многу да се смее, што ечеше!

-Деца, доаѓајте! Слушајте ме.- Јас ви реков дека тоа на главата на Геновева е птичјо гнездо затоа што така изгледа, но тоа е пунџа, …бидејќи е скапо да се прави таква фризура ви реков има ”Златна птица внатре”.. и вие поверувавте. Од каде ви е гулабот?-Не’ праша! Од Драган. Одговори Илчо! -Златен е.

Мајка ми отиде во подрумот и ги пронајде скриените гулаби на Драган, ги однесе надвор и ги пушти на слобода, заедно со златниот Гулаб! Лута беше – но, само глумеше. Знаевме дека ни прости.

Додека Геновева продолжи со својата пунџа, да царува во влезот, мирисот остана да тлее по цели денови…со години…

Не  разговараше повеќе со нас-не ни прости никогаш!

Image

Трајче Кацаров: ОД ДНЕВНИКОТ НА ЕДЕН НЕМ ИЗВИКУВАЧ НА ПАРОЛИ

Ме обзема расположба

Како некогаш кога не сакав

Да се отпушам од фустанот на мама

Пред портата на детската градинка

Како кога логоритмите

Не можев да ги претворам

Во музички ритми

Како кога бев разочаран

оти после предметот „Марсизам“

на факултетот требаше

да се подготвувам за

„Одбрана и заштита“

Ме обзема расположба

Како некогаш кога

Не ми се пукаше

Во замислениот непријател

Не ми се носеа гранати под мишките

Се чуствувам како некогаш

Кога едвај чекав да се разбудам

И на грамофонот да ја ставам плочата

Од каде ќе екнеше песната на Дадо Топиќ

„Еј мамо што да прави твојот син?“

eli makazlieva

Ели Маказлиева: ОХРИД И ВРЕМЕ ЗА ЧАЈ

Денес,
зимско сонце игра над езерото
додека ме опива мирис на кајсија,
мирис на чај, на душа и стих.
Секоја голтка чај
ме гушка топло околу вратот
во моето замислено патување
низ времето за мене.
Исто како во старата чајџилница
на плоштадот Конкорд
што прочистува мисла
додека сликам со зборови
низ Елисејските полиња.
Денес,
ја кревам маглата од очиве
за да ги видам пак боите на чајот.
Старица од Пустец со збрчкана рака
ми подава китка планински чај.
Нејзината облека молчи
растерувајќи сиви облаци.
Говорот е милозлив, близок, мој, нашински.
Расфлани капки дожд на стаклото до мене
чиниш скокаат во нејзините очи.
Топол ветер шиба во мојата студена пот
растворена во киселоста на утрото.
Ја отворам вистината во чајот.
Низ сливот на стихови
се враќа назад водената мирисна пареа
како капка врз корицата на животот.

(01.02.2020)

magare2

Трајче Кацаров: Бајка

МАГАРЕТО СИВКО
           Потанот во кој живеело магарето Сивко имал заеднички ѕид со собата на Шапшал. Кога Сивко ќе мавнел со задната нога, т.е. кога ќе фрлел со копитото по ѕидот Шапшал скокал на нозе и треперел од страв се додека не сфател дека мава Сивко, а не Црниот арап.
         На Сивко најмногу му се радувал Цвик, таткото на Шапшал. Се фалел кај ќе стигне. Се фалел како Сивко да бил авион, а не обично и веќе одртавено магаре. Сивко, пак,  штом ќе слушнел како Цвик го фали,  силно ќе ја надувал зурлата па магарешкото рикање летало низ селата, планините, котлините, низ градовите и државите како да имлао крилја на сокол.
       Секогаш оделе заедно. Сивко напред, а Цвик по него. Така оделе кога Цвик одел на нива, на пазар, така и кога се раздолжувал со државата – плаќал данок. Во денот кога Цвик тргнал да го оствари правото на глас, се избирале народни пратеници,  со него  тргнал и Сивко.  На гласачкото место изел неколку моливчиња, стотици гласачки ливчиња, а на крајот дури се разлутил оти меѓу толкуте магариња на листите за гласање го немало  и него.
Насекаде го следел Цвик,  дури се обидл да легне со него во брачниот кревет. Дуња го сакала Цвик како магаре во креветот , но две магариња и за неа биле многу.
Сивко присуствувал и на сите прослави и фамилијарни веселби.
Кога Шапшал синот на Цвик го славел петтиот роденден Сивко заедно со остантите деца стоел околу роденденската торта. Се подготвувал, како и децата околу него, да дувне во петте свеќички. Кога дувнал не само што наеднаш се изгасиле свеќичките, туку и тортата летнала од масата. Летнала низ отворениот прозорец и се распослала по лицето на поштарот Пакос кој штотуку влегувал во дворот и носел телеграма со која сестрата на Цвик му го чиститала роденденот на своето внуче.
Поради тортата што се размачкала по фацата на поштарот по која и  плеснал на задницата во тенџерето каде свињата Мица ја давела својата муцка од рано наутро до доцна навечњер, Сивко од општинскиот суд, бил осуден за напад на службено лице.
Не помогнале молбите напишани и потпишани од Цвик, Шапшал, мајката Деса и дедото Трајко. Решението на судот било неотповикливо.
За да не оди во затвор за магариња Сивко требало јавно да му се извини на поштарот наречен од колегите и сите оние што го познаваат Пакос.
Со ноќи Сивко не можел око да склопи. Во својата магарешка глава смислувал зборови со кои ќе му се извини на поштарот Пакос.
На ден -два пред да дојде полицијата  да го одведе во затвор за магариња, Сивко се сетил. Побарал да го доведат поштарот Пакос во потанот во кој Сивко престојувал уште од раѓање и јавно да му се извини. Полицијата го потсетила дека за јавно извиниување треба да ги користи медиумите:  елкетронските- теливизијата и радиото  и пишаните – весниците.
Сивко бил крупно магаре па не можел да влезе во редакциите на ниту една од телевизиите и радијата како и во оние на весниците.
Судот во асистенција на полицијата земајќи ја  во предвид големината на Сивко донел решение: Јавното извинување да се случи  во центарот на градот , поточно на плоштадот ,,Слобода,,
На денот на извинувањето Сивко дошол чекорејќи со крената глава . Ушите му биле поголеми од шапката. Можело оддалеку да се забележи како штрчат надвор од капата. Околу вратот имал оглав сплетен од црвени кожички. Застанал на средината на плоштадот. Штом видел како поштарот Пакос му се приближува ја надигна зурлата.
Рикнал на сет глас. Рикањето траело со саати па граѓаните, од најмалите до најстарите, морале да си стават бубаќ во ушите.
Од силното извинување се тресел градот заедно со околните села.  Судијата застанат помеѓу Сивко и поштарот Пакос  објавил: „Се уважува извинувањето! Магарето Сивко е ослободено од обвинението –  напад на службено лице!“
По завршената церемонија во градот се пуштил муабет дека на наредните избори за пратеници во парламентот на Републиката,  кандидат од нивниот град ќе биде Сивко и тоа поради емотивниот говор што дал на знаење дека Сивко е чесно и одговорно магаре.
На изборите Сивко бил единсвен кандидат на општинскиот списокот за пратеници во парламентот. Додека граѓаните како хипнотизирани гласале за него, Цвик неговиот стопан гирицкал моливчиња и гласачки ливчиња.
son

Елеонора Николовска: ЧУДНА БАЈКА

Таму далеку, ама многу, многу, многу далеку на жолто-зелената планета со две сонца и седум месечини живее вонземјанчето Оирам. Оирам  има весели сиви очи како песок, не сини како небото. Тој како и секое друго дете е многу љубопитен  и сака да истражува и да открива нови нешта.

Многумина знаат да кажат дека е палаво детенце, но неговата баба Ечнел вели дека тој е само многу весел. И навистина  Оирам е постојано насмеан. Тој ја обожава својата баба Ечнел и смета дека е најдобрата баба која постои. Секојпат со нетрпение очекува пред спиење да му ја чита неговата омилена бајка ,,Девојчето од зелено-сината планета”. Тој секогаш  со најголемо внимание ја следи оваа бајка од збор до збор, а потоа сонува различни авантури со прекрасното другарче од некој друг свет. Соништата за неисцрпните  авантури често ги споделува со својата постара сестра Анил, на која многу ѝ се восхитува.

–                                 Оирам не биди смотко. Бајките се нарекуваат бајки бидејќи местата, нештата и ликовите се измислени. Не постојат! Разбираш, нели? – шегувајќи се му велеше Анил.

Оирам само ќе ја погледнеше со веселите сиви очи и ќе се насмевнеше.

Но, некаде далеку, далеку, ама ептен многу далеку на зелено-сината планета со едно сонце и една месечина живее Ангела, девојче со кафеави очи како костени. Ангела како и секое друго дете сака да талка и да истражува, но и да пронаоѓа нови нешта.

Многу луѓе велат дека Ангела е многу темпераментна, но нејзината баба Стевка вели дека е само многу весела. И навистина  лицето на Ангела постојано го краси прекрасна насмевка. Ангела смета дека нејзината баба Стевка е најдобрата баба на целиот свет. Ангела никогаш не заспива без баба Стевка да ѝ ја прочита нејзината омилена бајка ,,Вонземјанчето од жолто-сината планета” .

Ангела секогаш со огромен восхит ја слуша оваа бајка како да ја слуша за првпат, а потоа заспива и сонува нови авантури со нејзиното необично другарче. Таа многу сака да ги раскажува своите соништа за шаренилото од авантури на својата постара сестра Меланија, која везден ја слуша гледајќи ја со проникливите зелени очи.

– Ангела, тоа е само измислено другарче, не е вистинско. Бајките се измислени приказни за непостоечки светови – не ретко ќе ѝ речеше Меланија.

Ангела само ќе ја погледнеше со костенливите очиња полни со љубов и само ќе се насмевнеше.