goce-01

Гоце Ристовски – ГОЛА ВОДА

Гоце Ристовски

ГОЛА ВОДА

сценарио за игран филм

Рано утро. Избива пурпурно сонце врз лозјето на стрмнината. Се движат луѓе како мравки, има и деца. На лево од лозовата градина, раскошна турска куќа со голем двор , заградена со ѕидини. Потака кошници со пчели, до јаболков овоштарник.
Во грмушките наспроти куќата на ридот, сокриен човек. Го набљудува дворот.
Веќе е пладне. Во лозјето луѓето обедуваат. Малкумина лежат под сенка. Свири кавалче, неколкумина потпевнуваат. Некои од чивчиите се фаќаат и на оро- Пајтушкото.
Сокриен во грмушката наспроти спахиската куќа, човекот, сѐ уште, набљудува кон дворот.
Паѓа квечерина. Наидува од коријата Чиниш ја носи свежото ветре со мирис на смола. Чивчиите во лозјето се подготвуваат за заминување.
Во грмушките човекот сѐ уште внимателно набљудува. Има некаква безнадежност во неговото однесување. Се поткрева на прстим со ракавот на кошулата го забришува оросеното чело.

Дворот од горен ракурс. Зум кон влезната врата од која излегува спахијата. Средновечен човек, 50- 60 години, во свечена турска облека. Во рацете има бројаница. Камерата го следи (камера назад). Се качува во двоколката.

Екстериер. Општ план. Го спотнува коњот со уздите. Излегува од кадарот. Зум кон влезната врата.

Ентериер. Општ план. Внатрешноста на спахиската куќа. Раскош. Каданите, шест на број, облечени во свилени шалвари, се веселат. Две седнати на перници по подот. Боси. Две од нив играат стомачен танц. До нив дрвени налани. Една свири на некаква тамбура. На нозете некои имаат златни алки. Носат свилени кошули, некои еден вид на кимона, на рацете златни алки, прстења. Длабоки деколтеа со истакнати гради. Носат златни синџирчиња или гердани од скапоцени камења. Една стои во исчекување. Се слуша песна на був.

Екстриер. Крупен план. Грмушката. Човекот имитира був. Видно расположен.

Ентериер. Општ план. Внатрешноста на спахиската куќа. Се слуша був. Возбудената кадана што стои се упатува кон излезната врата, забрзувајки го чекорот. Швенк кон една помлада кадана што внимателно, но незабележително, ја набљудува возбудената кадана која излегува. Станува и другата кадана и ја следи.

Екстериер: Среден план Едната кадана се упатува во темнината кон грмушката каде е сокриен човекот. Другата, зад неа, ја следи без да биде забележена, потклекнувајки, сокривајки се.

Екстериер: Среден план. Грмушката. Каданата и човекот се гушкаат. Со еден потег човекот вешто и ги одврзува шалварите кои паѓаат. Се соблекува и тој и, како што се одликува секоја тајна љубов, веднаш нежно ја положува на земја, на една распостелена кожа од рис, подготвена од порано, како на блудна постела. Залегнува над неа, а таа елегантно ги поткрева нозете во височина, допирајки ги фиданките, нежно потпирајки се на нив со прстите. Диво, но тивко и суптилно водат љубов .

Екстериер: Средно крупен план. Другата кадана ги гледа, веќе од непосредна близина, видно возбудена. Зум кон љубовниците. Крупен план. Привршува љубовната игра. Каданата е во седечки став над него, со синхрони движења како при стомачен танц. Тој седи на еден трупец. Трочатално пресечено стебло . Средното , на кое седи, е повисоко од другите две странични. Швенк кон неа. Среден план. Распуштени кадравите црни коси до над белите набрекнати дојки. Детал на лицето. Подзамижана е , поруменета во образите. Благи движења на главата, ги оближува усните како после јадење парени колачиња. Камерата се спушта надолу. Грашки пот се тркалаат меѓу нејзините гради кон папокот. Со рацете нежно се држи за една гранка која подигрува во ритмот на љубовната игра. Ги подотвара очите и низ граиките на блиското стебло забележува був. Бувот во крупен план, намигнува и ја пее својата песна. Швенк кон ѕвезденото небо, од кое паѓа ѕвезда. Швенк на нејзините гради. Капките пот упатени кон папокот стануваат крвави. Ги отвара очите Од едната дланка вади зариен трн. Дланката крвари. Се сепнува . Со другата рака нежно го притиснува човекот кој патува по ѕвезденот небо, на таа летна ноќ, на влакнестите гради. Тој полека се подига.
Одново брз швенк кон ѕвезденото небо. Се слуша песната на бувот.

КАДАНАТА:
Ова е лош знак. Кога паѓа ѕвезда, гасне некоја љубов. Да се збогуваме за вечерва.

Крупен план. Човекот. Молчи. Ја лиже крвавата дланка на каданата. Се слуша песна на був. Тие се погледнуваат.

Крупен план . Другата кадана. Сѐ уште имитира був.
Среден план. Тројцата се во кадар. Каданата се облекува. Ја позема белата кошула и човекот. Тогаш ја забележуваат помладата кадана. Каданата што стои и натаму имитира був со гласот. Со остар поглед го пресекува човекот вртејки му со прстот во значење на НЕ, да не се облекува. Продолжува со имитирањето на був, му покажува еден прст на човекот, а потоа одмавнува со раката. Со истата рака тапкајки се на градите, сака да му покаже во смисол: едната си оди, јас сум на ред.

Крупен план. Втората кадана (помладата) и човекот . Тој седи на трочаталниот трупец и почнува да ја подоблекува кошулата. Крупен план кон трупецот кој асоцира на пресечен фалус. Таа се исправа гола. Приоѓа кон седнатиот човек, нежно му ја позема главата со рацете бели како снег. Се подрасчекорува и ја подместува вагината на устата на човекот поткачена на една мала тумба. Работата да биде таман. Камерата ја следи од зад грб, во нејзиниот кроток стомачен танц. Рацете и се забиени во неговата руса коса. Швенк кон бувот на гранката кој намигнува и пее.

ВТОРАТА КАДАНА:
Едната кадана був. ( имитира був). Другата кадана чучулига. (имитира чучулига).

Екстериер: Среден план. Човекот во истата грмушка. Имитира чучулига

Ентериер: Општ план. Внатрешност на спахиската куќа. Помладата кадана забрзано ита кон излезната врата, проследена со погледот на постарата.

Екстериер: Среден план. Човекот во истата грмушка. Имитира був.

Ентериер. Среден план. Внатрешност на спахиската куќа. Постарата кадана забрзано ита кон излезната врата, проследена со погледот на помладата.

Екстериер: Среден план. Човекот во истата грмушка. Имитира був. Потоа имитира чучулига

Ентериер: Среден план.Спахиската куќа. Излегуваат и двете кадани., збуткувајки се на вратата која побрзо да излезе.

Екстериер: Среден план. По темницата се упатуваат кон грмушкта. Постарата ја води подрака помладата.

Екстериер: Средно крупен план. Нов кадар, По темницата се упатуваат кон грмушкта водејки се подрака. Сега обратно. Помладата ја води под рака постарата.

Екстериер: Средно крупен план. Човекот во истата грмушка. Имитира був. Крупен план Имитира чучулига. Па одново був, па чучулига. На крајот и славејче.

Ентериер: Општ план. Спахиската куќа. Каданите, шест на број, се под надзор. Спахијата седнат во исчекување, со пиштол на појасот, брои бројаница. Се слуша був, па чучулига, Був, па чучулига. На крајот славејче. Спахијата станува, излегува брзо но внимателно, вадејки го пиштолот.

Екстериер: Општ план. Темница. Се слушаат чекори. Трчање. Грмнува и светнува пиштол. Стоп кадар.

Шпица : ГОЛА ВОДА
Со црвени букви. Буквите се обрабуваат со златна нитка , на црната позадина на ноќта, со пукотот и светнувањето на пиштолот .
Екстериер. Средно крупен план. Темница. Спахијата и човекот се борат. човекот му ја фатил раката со пиштолот, во обид е да ја сврти кон него. Се слуша истрел. Спахијата паѓа. Човекот бега.

Екстериер: Комбинација на општ и средно крупен план. Мало гратче. Калдрмисана улица исполнета со луѓе. Мажи со прсечени овчи капи (со рамен врв) на глава и престилки. Во бели панталони до колена, со шарени чорапи и долги црни или кафеави појаси, бели кошули и скутници. Турски војници, луѓе во муслимански облеки, неколкумина во црни облекла со еврејски капи, валкани цигани. Жени, сите во различна облека. Ниту една со друга не се исто облечени. Разнобојна женска селска облека , разиграна со добар вкус и елегантен крој, со. нијанси на зелена и светло сива боја, црно- бела, црвено- црна и отворено жолта боја. Некои носат тешки скутници наназад, а некои нанапред или и на двете страни. Тие се црвени, црвено- бели, понекогаш со вертикални зелени шари, има и жени со цветови во косите. Женските елеци се црвени, зелени, сини, вишнова боја, украсени со филиогрански златни копчиња и со жолт, бел, портокалов и златен вез. Шамиите се кафеави, светло жолти, светло сини или бели, со кожен ремен под брадата. Некои се со завиткана брада во шамијата, па изгледа како да е превиткана вилицата. Некои со шамиите го врамиле лицето како триаголник. Некои во носии во златна и црвена боја. Има и Влаинки кои носат широки набрани здолништа со тесни струкови и тешки капи. Има и жени што носат повеќебојни панталони.

Среден план. Калдрмисаната улица. На еден поп во расо еден селанец му бацува рака. Се прекрствува .

СВЕШТЕНИКОТ:
Адам, чедо мое, и неговиот грев се скриени во секого од нас. Треба да се почуе гласот на Бога. За тоа е потребна тишина. Тишината раѓа понизност. Бог во тишина го создал светот. Ама ние смертните не знаеме да бидеме тивки. Постојано зборуваме за самите себе и не се дослушнуваме во разговор меѓу себе. Потребна е тишина и молитва пред икона. Да одиш во манастирот Јоаким Осговски и да се молиш. Да имаш една икона за да ти го чува семејството и ви го кажува вистинскиот пат.

 

vasil-mihail-01

Васил Михаил – Три сценарија за кратoк филм

1. Кујна
2. Паркинг
3. MY GOD, IT’S FULL OF STARS

КУЈНА

1
ОТТЕМНУВАЊЕ1
1 Забелешка: Во целиот филм се визуелно видливи само просторот, предметите и делови од телата на ликовите. Никогаш лицата на ликовите. Лица се гледаат само на прикажаните фотографии. Сите дијалози се текст зад кадар.
1. ЕКС. ПОЛЈАНА – ДЕН (Пролог)
СУБЈЕКТИВЕН НА ПЧЕЛА: ЦВЕТ.
Пчелата летнува од цветот. Полјана, овоштарници, шума и пат. Куќа во близина. Пчелата се упатува кон куќата. Мало прозорче. Удира во прозорчето.
РЕЗ НА МРАК.
2. ЕНТ: КУЈНА – ДЕН (Пролог)
ТЕКСТ ВО ДЕСЕН ДОЛЕН АГОЛ: 1993 ГОДИНА
Од внатрешната страна, мала флека на прозорецот, во далечината се гледа град. Полека ја откриваме мрачната соба. Сончев зрак, низ единственото прозорче во горниот дел помеѓу кујнските висечи, нежно ја осветлува старата изветвена кујна, која е поставена на еден ѕид. Неколку прашинки му се радуваат на зракот во задушната соба. Крцкаат термити во старото дрво на кујната. Однадвор се слуша звук од автомобил кој се приближува. Паркира и се гаси. Се отвораат и затвораат, една по друга, двете врати на автомобилот. Чекорите на два пара машки чевли се приближуваат кон надворешната врата. Лебарка се качува на работната маса. Ја отклучуваат бравата. Лебарката се крие. Надворешната врата се отвора. СТОЈАН и ПРОДАВАЧ 1 влегуваат во истата просторија (дневна) во која е и самата кујна. ПРОДАВАЧОТ 1 ги отвора прозорците од просторијата која се исполнува со дневна светлина. Двајцата чекорат низ просторот.
ПРОДАВАЧ 1
Ова е тоа! Не е далеку од центарот, а мирно е како во рајот! Токму тоа ви треба, нели?
Ова е спалната, а тука тоалетот. Ха! Плочките би издржале и атомска бомба!
СТОЈАН се приближува кон кујната. На ѕидот, помеѓу работната маса и висечите, се закачени стари црно – бели фотографии на војници од армијата на бивша Југославија (СХС), на коњи и со сабји, Тито, врамени значки од периодот на СФРЈ, семејни фотографии, град во изградба, човек со два прегнати вола,
2
ловџии со пушки, деца, погреб, дуќан со натпис „Кројач Доне“ и една колор фотографија на насмеан пар младоженци.
ПРОДАВАЧ 1
Висока жива ограда, голем двор, гаража, можност за базен, има дозвола за доградба, нема досадни соседи. Всушност, не ни има соседи.
Кој не би посакал да ја има?
Господине…? Господине ?!
СТОЈАН вади купче пари и ги остава на работната маса.
ПРОДАВАЧ 1
Кеш? Со плаќање во кеш имате 3% попуст–
–Ќе морате договорот да го потпишете во канцеларијата–
–Секако јас би можел да ви го донесам, само кажете ми кога ќе бидете овде?
Како сакате, кога сакате. Ние ви стоиме на располагање.
Да ве префрлам до градот?
(СТОЈАН молчи)
ПРОДАВАЧ 1 ги зема брзо парите, излегува низ вратата, го пали автомобилот и заминува во далечината. СТОЈАН ја забришува прашината од первазот на малото прозорче на кујната и става мала икона од Св.Архангел Михаил, до флеката на стаклото. Дланката на СТОЈАН, која има тетоважа со мал знак помеѓу палецот и показалецот во правец на зглобот, целосно ја отвора славината. Протекува матна вода која брзо се пречистува. Мие јаболко, загризува. Водата создава вртлог во сифонот.
3. ИНТ. КУЈНА – НОЌ
Тивка ноќ. Повремени звуци од ноќни животни. Чешмата капе бавно и еднолично. СТОЈАН се буди и го пали светлото. Оди до мијалникот и пробува да ја затвори славината. Неуспешно. Зема крпа и ја става каде што капе. Го гаси светлото и легнува. По неколку секунди капката пак почнува да тропа, само што звукот сега е тап. СТОЈАН пак станува и го пали пригушеното светло. Доаѓа до фрижидерот и го отвора. Фрижидерот е полн само со шишиња пиво. Зема едно, го отвора и пие на екс. Од висечите вади чипс, го отвора и јаде. Од фиоката вади порно списание ( „Еротика“ или Вручи кај“).
3
Зема други две пива и чипсот и седнува во дневната. Го листа списанието и мастурбира. Месечината ѕирка од прозорчето на кујната. Ејакулира со силен оргазам. Шишето со пиво паѓа и се тркала по подот истурајќи од течноста.
4. ИНТ. КУЈНА – ДЕН
Чешмата капе врз неколку валкани чинии во мијалникот. Кујната е зачистена. Фотографиите од ѕидот се извадени и на нивно место има траги од рамки. СТОЈАН собира неколку празни шишиња од пиво од работната маса и празни ќеси од чипс. Ги фрла во кантата за отпадоци под мијалникот. Ги мие лицето и забите врз валканите чинии. Вади мало тенџере и истура во него конзерва со грав и месо. Додава сол и меша. Вади од фиоката крпа и ја постила. Вади од другата фиока пиштол. Го расклопува вешто, го чисти брзо и го склопува. Јаде малку од веќе подгреаниот грав. Ја собира крпата и вади од фиоката ќесичка со кoкаин. Шмрка од дрогата. Од долниот шкаф вади празен ранец. Го прибира пиштолот во ранецот и излегува. Се пали мотор кој заминува во далечината.
5. ИНТ. КУЈНА – САМРАК
Славината капе на валканите чинии. Пајаче оди кон пајажината на таванот над кујната. Моторот на СТОЈАН се приближува кон куќата. Тој влегува задишан во собата. Го фрла истиот ранец на работната маса, сега полн. Плука крв во мијалникот, по рацете исто така има крв. Го мие лицето. Од фиоката вади огледалце и крпа со која ја брише раната. Го потпира огледалцето и од висечите вади шише со ракија, пие и прави гаргара. Оди до тоалетот и моча.
СУБЈЕКТИВЕН НА СТОЈАН ПРЕКУ ОГЛЕДАЛОТО:
Влезната врата нагло се отвора. Двајца униформирани ПОЛИЦАЈЦИ и еден ЦИВИЛ се втурнуваат. СТОЈАН во паника се обидува да бега. Двајцата го напаѓаат и тепаат крвнички. ЦИВИЛОТ посматра.
ЦИВИЛ
Прати абер на шефот дека ќе зажали за оваа твоја глупост. (кон другите двајца)
Земете ја робата и парите. Оставете го него, ќе има за давање.
ЦИВИЛОТ излегува. ПОЛИЦАЕЦ 1 го зема садот со гравот и му го истура на СТОЈАН врз главата.
4
ПОЛИЦАЕЦ 1
Јади џукело. Така, мирен.
ПОЛИЦАЕЦ 1 почнува да растура и крши во просторијата. ПОЛИЦАЕЦ 2 го зема ранецот, ја проверува содржината, ги отвора шкафовите и фиоките од кујната. Од фрижидерот зема неколку пива.
ПОЛИЦАЕЦ 2
Може нели?
Ги пика пивата во ранецот. Шишињата удираат на метал. Го вади пиштолот и го остава на работната маса.
ПОЛИЦАЕЦ 2
Да си пресудиш пред твоите да те најдат. Со среќа џукац.
(кон ПОЛИЦАЕЦ 1)
Ајде!
Излегуваат. СТОЈАН го зема малото тенџере и го фрла кон прозорчето на кујната кое се крши. Иконата паѓа. Удира по кујната од гнев. Го зема пиштолот и го фрла кон отворената врата. Тешко се поткренува на мијалникот и пушта вода од чешмата. Од неа тече крв. Пие. Иконата се поплавува со крвта.
6. ИНТ. КУЈНА – ДЕН
Растурено е. СТОЈАН отвора пиво додека чита весник распослан на работната маса во кујната. Раката му е во завој. Пие и пуши.
СУБЈЕКТИВЕН НА СТОЈАН: Чита во весникот
„Водачот и главните членови на криминалната организација која се карактеризира со тетоважата (илустрација на знакот) се уапсени. Лидерите се високи претставници на транзициската власт и едни од главните предводници за промена на политичкиот режим…“.
СТОЈАН се вкочанува. Го остава пивото и повлекува од цигарата. Го допира местото со тетоважата на неговата рака. Таа е под завојот. Импулсивно вади документи од фиоката на кујната. Запира на неговата лична карта. Стојан Најденов. Роден 1973. Ги става во мијалникот и ги пали документите. Се крева густ црн чад.
5
7. ИНТ. КУЈНА – УТРО
ТЕКСТ ВО ДЕСЕН ДОЛЕН АГОЛ: 2013
Чад. СТОЈАН кашла додека ги вади загорените лепчиња од тостерот. Се пржат две јајца на око и малку шунка. Го отвора прозорчето. Иконата стои на истото место. Става нови лепчиња во тостерот. Облечен е во одело. Раката му е видно постара од претходно, а тетоважата преправена. Кујната е нова. Нови апарати, 3 книги за работа на интернет берза и финансии, папка и мал кактус. Кактусот е расцветан. Му капнува неколку капки со пипета на кактусот. Излегуваат лепчињата од тостерот. Јајцата и шунката ги става во чинија, сипа јогурт и тоа го носи на масата каде има отворен лаптор на масата. Јаде додека клика на берзата. Му стигнува известување од интернет страница за запознавање, од профилот наречен Срамежлива. Неговиот профил е наречен Озбилен. Го отвора сандачето и пишува додека јаде.
ДИЈАЛОГ НА МОНИТОРОТ НА ЛАПТОПОТ
СТОЈАН
Здраво. Ти ги видов фотките. Расположена ли си за скромна вечера во романтичен ресторан?
СРАМЕЖЛИВА
И јас ги видов твоите. Повеќе сакам журка.
СТОЈАН
Не би можеле да разговараме во гужва.
СРАМЕЖЛИВА
Не биди толку озбилен г-не Озбилен. Кому му е важен разговор со твоето убаво лице?
СТОЈАН
Аха! Ок, журка!!! Каде и кога?
СРАМЕЖЛИВА
Во 22:00 пред Insane, може?
СТОЈАН:
Договорено!
6
СТОЈАН го затвора лаптопот, го зема со себе и излегува. Се слуша моторот како заминува. Паѓа цветот од кактусот. Фотографијата во боја на насмеаните младоженци, која беше на ѕидот во првата сцена, се гледа во полуотворената фиока.
8. ИНТ. КУЈНА – НОЌ
Моторот доаѓа. Се слуша пијанското смеење на СТОЈАН и СРАМЕЖЛИВАТА. Влегуваат.
СТОЈАН
Би требало да има некое пијалоче за моето срамежливо девојче.
Таа се кикоти. Тој го отвора фрижидерот и вади виски. Фрижидерот е полн со храна и продукти. Половина лубеница е во центарот.
СРАМЕЖЛИВА
Твоето девојче сака да пие од посебно шише!
Почнува жесток секс на работната маса на кујната. Работите се превртуваат. Случајно го вклучуваат блендерот. Се мешаат звуците на блендерот и стенкањата. Кактусот паѓа во мијалникот. Блендерот паѓа на подот додека доживуваат заеднички оргазам.
РЕЗ НА МРАК.
9. ИНТ. КУЈНА – УТРО
Невестинскиот фустан е спрострен по целата должина на трпезариската маса. СРАМЕЖЛИВАТА стои над работната маса и пробува венчален прстен. Зборува на телефон додека ренда и сецка салата од зелка, моркови, цвекло и други зеленчуци и зачини. Попатно грицка бадеми.
СРАМЕЖЛИВА
Да, да… аха… мхм… Знам дека сум бремена, мамо! Се приметува! Ми рече златарот дека ако ми биде голем по бременоста, ќе го стесни. Ќе го средат фустанот на време, не се сеќирај. Ќе биде убаво, нарачавме балони. Розеви и сини. Ќе биде сон! Те сакам! Чао!
7
Го остава розевиот мобилен телефон на работната маса. Прстенот е исто овде. СРАМЕЖЛИВАТА ја зема салатата, оди кон дневната соба и пушта музика. Песна во стилот на “I will survive” на Gloria Gaynor. Танцува и јаде.
10. ЕНТ: КУЈНА – ДЕН
Музиката се прелева во божикна песна. Кујната и целата просторија се променети. Работната маса е преполна со работи. Три различни шишиња млеко. На секое шише има ознака за кое дете се однесува. Различни бебешки храни и справи (молзачка за млеко од гради, пумпи за секрет од нос, цуцли, чинивчиња и лажички за мали деца, детски играчки и.т.н.). На решото се вари млеко во тенџере. На прозорчето има три мали цвеќенца во живи бои, а до нив иконата стои на истото место. Надвор врне снег. Во мијалникот има куп садови. На фрижидерот магнети од места низ светот. На висечите има закачено божикни/новогодишни украси. Бебешки плач. Тешење и тананикање од мајката – СРАМЕЖЛИВАТА. Детска рака го зема прстенот кој е оставен на кујната.
СРАМЕЖЛИВА
(кон детето кое го зеде прстенот)
Што имаш во раката?
(детето се смее и трча)
Дај да видам што имаш! Застани!
Дај! Прстенот! Дај ми го! Извади го –, дојди ваму! Го голтна? Го голтна? Готов си!
Сега ќе треба да те оперираат.
Да те пресечат на половина со скалпел. Ете така.
ДЕТЕТО почнува да плаче, тој плач се меша со плачот на БЕБЕТО. Млекото врие и претекува. СРАМЕЖЛИВАТА скоро крикнува од фрустрација. Оди и го тргнува тенџерето од решото, се гори на раката. Се расплакува од немоќ. Трите плачеви се мешаат. Си ја брише раката со крпа за садови. Во меѓувреме, се слуша како пристигнува автомобил. СТОЈАН и ДЕВОЈЧЕТО, нивната седум годишна ќерка, се приближуваат кон влезната врата пеејќи весела божикна песничка. Влегуваат. Пеењето престанува. ДЕВОЈЧЕТО се смее на плачењето.
СТОЈАН
Што се случува тука?
(СРАМЕЖЛИВАТА липа, СТОЈАН ја прегрнува) …

vlado-pod-druga-01

Владо Јаневски ПОД ДРУГА КАПА

ФИЛМСКО СЦЕНАРИО ЗА ДОЛГОМЕТРАЖЕН ИГРАН ФИЛМ
(според романот „Под друга капа“ од Владо Јаневски)

 

ПОД ДРУГА КАПА

Ова е авантура и казопат за луѓе изгубени во своето минато. Главниот протагонист, Смарто, e своевиден македонски Кристофер Колумбо, кој – случајно или не – открива еден нов свет што можеби ѝ недостига на секоја земја што сè уште се измачува со својот идентитет. Смарто е новопечен морепловец кого силна бура го исфрла на навидум пуст остров сред Индискиот Океан. Тој и неговиот мал екипаж бидуваат пречекани од необично племе – изгубено или не – во некој друг свет. На тој свет му се туѓи секојдневната борба за престиж, глад за власт, алчност и криминал. На домородците не им треба многу за да го прогласат Смарто за свој крал. Смарто им се препушта на задоволствата на кралскиот живот, но како и секој мудар владетел што се грижи за своите поданици, предадено се обидува да ги „просвети“ и цивилизира островјаните. Откако ќе му паднат в очи знаци на врска меѓу островјаните и најславното минато на македонскиот народ, Смарто се оддава на просветителско-политичка дејност. Бидејќи никогаш не се знае до каде ти допираат националните корени, Смарто е на мисија да го заштити идентитетот и автентичната култура. Ќе успее ли во тоа?

ФЕЈД ИН:
„Вистинска приказна. Дури и ако не е вистинска, верувај во неа.“

ЕКСТ. ОД ПТИЧЈА ПЕРСПЕКТИВА ПРИКАЖАН Е ПОМАЛ БРОД КАКО ПЛОВИ ВО ОКЕАН

В.О.
Во Сиднеј, велеград-котел, оставен да врие крај брегот под жешкото австралиско сонце, каде што се мешаат и претопуваат култури од целиот свет, долги години живееше Македонецот печалбар, Смарто. Во желбата да стане градоначалник на едно од многуте сиднејски предградија, Смарто се судира со подеднакво амбициозен Грк кој си ја беше поставил истата цел. Во трката за власт, според Смарто, дозволени се сите средства, но додека Македонецот и Гркот се надмудруваат, победува трет. После поразот на политичката сцена, Смарто ќе реши да потроши дел од спечалените пари на задоволство; купува мал брод, го прекрстува во „Јунајтана Маќедонија“ и заедно со својата љубов, пресната вдовица Дојдена, и помошникот Вртме, тргнува на пат околу Австралија. Оваа поморска идила бидува прекината од силно невреме.

Додека се слуша гласот на раскажувачот во кадар се појавува мапа ПОМОРСКОТО ПАТЕШЕСТВИЕ НА СМАРТО каде е означено каде се движи бродот на Смарто. Патешествието завршува некаде во Индискиот Океан.

В.О. (продолжува додека мапата е во кадар)
Патешествието започна од Сиднеј, потоа нагоре по источниот брег на Австралија. Тричлениот екипаж имаше мирно море и одличен помин во Нова Гвинеја и Индонезија и се прикотви уште на неколку интересни места на брегот на Западна Австралија. Дружината сакаше да продолжи да плови покрај австралискиот брег, но ограничените навигациски способности на Вртме и невремето го насочуваат бродот во несакана насока, некаде длабоко во Индискиот Океан…

ЕКСТ. СИЛНА БУРА НА ОТВОРЕНО МОРЕ

Силна бура на сред океан. Се чини дека бродот секој момент ќе потоне. Камерата успева да ги покаже името на бродот „Јунајтана Маќедонија“ додека се крева и спушта во големите бранови. Тричлениот екипаж е исплашен. Бродот крцка и чкрипи, небаре следниот миг ќе се распадне.

СМАРТО (В.О. исплашен)
Ко дајрек у пекол да слегофме, ту мајката. Да си станеф еден градоначалник ова немаше ни у машта да ме снајди. Ете ти, вака и парите си ги бупнаф за џабе у бродоф скапан и водиштево ќе ме лапни. Е, то је стопроцент траџеди, у суднио час ќе ме јадат рибетини туѓинцки. То ко една врста казна да ми је оти не си седеф мадро на суво.

ДОЈДЕНА (В.О. преплашено си дума во себе, припиена до Смарто)
Страшило је. Можит вака се напрај оти нешто сум зргешила негде. Ете на пример, можит горе стојт запишано дека со сила го закопав маж ми; ко тој и онака да не беше готоф за рипање, цел живот со мозокот ко да не беше на овај свет, само по трефките и бубачките си беше со умот затворен. По цел ден во то бафчата зад куќи киснеше. После шо сум му ја крива. Жена си барат машка рака да ја стисни на појќе места и почесто. Тој чојк поарно напрај шо си умре порано, ко гнила круша падна демек. Јас ништо со то си немам. Ова со Смарто шо си го прајфме и се љубевме и пофаќавме зад грбот на мажот ми требит да си је оправдано и од Господа таквајно за исправно.

ВРТМЕ (во близина на Смарто, преплашено шепоти)
Господе златен, знам, посекако ќе ме земиш. Али немој вака душица низ нос да ми вадиш, ја сигурно не сум заслужил вакво страшно давење. Еве, кажи ако сум ти згрешил нешто во последно време. Ко едини морнар немав време да седнам од работа. Вери бизи бев, со потврдени факти ти докажвам. Али ете, това за капетанот ич не можит да се речит. Виша сило, мојше да си видиш како капетан Смарто се дембелеше на палуба, по цел ден оптегнат крај негојта лепотица. Кај се најдоја вакви двајцата – Куку и Пипи, до уши полни со дрти мисли и плежас. По цел ден да стојам на нога за нивно лепо уживање. Дебело згрешив шо им се придружив. Слуга нивни се напрајв. Требаше да си седам во Сиднеј златен. Шо ми фалеше таму, си имав колку за дринк.

СМАРТО (силно го здрмува Вртме)
Како се најдофме у тестово? Ти си на најголема одговорнос за оваквото шо не снајде. Кај ти беја очите пијани? И ја ступид тебе шо ти дадоф бродо да го драјваш. Ти и ко бефме на суво не знајше да одиш по пато. У водиштево си побетер, не знајш дури ни да пливаш, у леѓен вода ќе се удајш.

ДОЈДЕНА (потиштено)
Џабе ви је карањето, сега сите ко секирчиња ќе удриме долу во длабокото. Можи па мориштево и не је толку длабоко, а? Оти, то не се знај. Ко ќе потониме, на пример, можи ако стојме на нешто поткачени ќе мојме да дишиме тро воздух со носојте кренати.

Вртме се подистави настрана и почна да потпевнува.

ДОДЈЕНА
Шо пејш?

ВРТМЕ
Македонско девојче си пејам.

СМАРТО
То не можи сега да се пеј! У вакоф судњи час онли нешто најпатријоцко да се викни, позитивно да се бодриме у духојте треби.

ВРТМЕ
Ко на пример?

СМАРТО
Ко на пример, еве да ја речиме химната.

ВРТМЕ
Нашата?

СМАРТО
Па нашата, бе ступид. Сигурно не чајницката или америчката.

ВРТМЕ
Ами си реков да не сакаш кенгурската, што да те знам. Толку време живејфме во Острелија, ко втора мајка ни стана, и една врста Ози сме сега, не сме веќе толку Маќедонци.

СМАРТО
Доста мелиш старо прдало, ко дошло време да се гини не признавам Ози. Оф-корс дека мислеф маќедонската да се запеј. Ајде, камон, пеј ако пејш, ако не – дави се побрзо, иш!

ВРТМЕ (викна на сиот глас)
А БРЕ МАЌЕДОНЧЕ, КАДЕ СЕ СПРЕМАШ…!

СМАРТО
Остаф! Но-гут, не чини. Ти си бе у класик мистејк. То ич не је химната. То је големо промашење.

ДОЈДЕНА (силно растревожена)
Леле мајче, фишот морски ќе ме јадит. Од мене ништо нема да останит, леле, леле!

Не стигна да ја доврши мислата, еден голем бран го преврте бродот и сите ги поклопи. „Јунајтана Маќедонија“ исчезна од површината.

Бурата беснееше уште некое време; кога се смири, облаците се расчистија, огреа месечина; небото беше кристално чисто, преполно со ѕвезди: како ништо да не се случило, на небесниот свод над Индискиот Океан се појави Халеевата комета.

ЕКСТ. НА ПУСТ ПЕСОКЛИВ БРЕГ. НАСЛОВ „Високо небо“
Штом ја поткрена главата Смарто забележа дека лежи на песоклив брег, пред него само хоризонт потонат во бескрајна вода.

СМАРТО (В.О – набројува додека си доаѓа при свест)
Бранови, бура, „Јунајтана Маќедонија“… катастрофа.

Се стресе од помислата на големиот бран што му се врати во мислите и пак го поклопи бродот – тука му се прекинуваше сеќавањето.

СМАРТО (В.О. продолжува)
Сигурно изгубиф свес или комплитли се удајф. Ту, ти ебам стреќата шугава.

Набрзо забележа, не е сам, во близина имаше уште некој. Отпрвин не препозна дека тоа е Вртме. Во очите на Смарто изгледаше како непознатиот (Вртме) да се качил врз беспомошната Дојдена и ја меси – ја фаќа и стиска по градите, ја гмечи по срамните меса.

СМАРТО (му подвика)
Чекај бе, види го цигулето будалцко. Шо дрти машта си прај качен на неја, се прајло така на жена шо спије или је умрена? Ај сиктер, мафни се од моја Дојдена. Ако сме дошле на другијо свет то не значи дека сега можиш да прајш шо ќе ти текни. Ја и на овај и на онај свет мавам гадно.

Смарто ведаш се најде над забревтаниот Вртме. Силно го удри по тилот. Вртме се затетерави и падна на колена во песокта.

ВРТМЕ (простенка)
Оф! Ме утепа за ништо. Това ми е фала што ти ја спасиф кожинката? Ете ти ја и Дојдена. Не знам дали ќе се повратит, имат многу испијано.

Дојдена тогаш се закашла и почна да исплукува вода. Набрзо ги отвори очите.

ДОЈДЕНА (пушти гласче кога го здогледа Смарто)
О, дарлинг, ти ме спаси, кис ми хероју мој.

СМАРТО (рипна како попарен)

skript-web-01

ПОЗНАТИ ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДИТЕ ЗА НАЈДОБРИ ФИЛМСКИ СЦЕНАРИЈА

Фондацијата за културна и научна афирмација Македонија презент од Скопје, која традиционално го организира Меѓународниот фестивал на филмски сценарија Скрипт фест, наградите Скрипт фест 2021 ќе ги додели на авторите: Владо Јаневски, Васил Михаил и Гоце Ристовски.
Владо Јаневски е награден за филмското сценарио за долгометражен игран филм Под друга капа.
Васил Михаил наградата Скрипт фест ја добива за трите сценарија за краток филм и тоа: Кујна, Паркинг и My god, it’s full of stars.
Гоце Ристовски е награден за сценариото за игран филм Гола вода и сценариото за краткометражен игран филм Кардинална грешка.
Сите три награди се рамноправни и се доделуваат за најдобри сценарија пристигнати на Конкурсот за филмски сценарија на Фестивалот Скрипт фест 2021 година.
Наградените филмски сценарија заинтересираните ќе може да ги прочитаат на сајтот www.macedoniapresent.mk
Инаку, Фестивалот Скрипт фест годинава ќе се одржи со поддршка на Програмата за култура при Собранието на Град Скопје.