ФИЛМСКО СЦЕНАРИО ЗА ДОЛГОМЕТРАЖЕН ИГРАН ФИЛМ
(според романот „Под друга капа“ од Владо Јаневски)
ПОД ДРУГА КАПА
Ова е авантура и казопат за луѓе изгубени во своето минато. Главниот протагонист, Смарто, e своевиден македонски Кристофер Колумбо, кој – случајно или не – открива еден нов свет што можеби ѝ недостига на секоја земја што сè уште се измачува со својот идентитет. Смарто е новопечен морепловец кого силна бура го исфрла на навидум пуст остров сред Индискиот Океан. Тој и неговиот мал екипаж бидуваат пречекани од необично племе – изгубено или не – во некој друг свет. На тој свет му се туѓи секојдневната борба за престиж, глад за власт, алчност и криминал. На домородците не им треба многу за да го прогласат Смарто за свој крал. Смарто им се препушта на задоволствата на кралскиот живот, но како и секој мудар владетел што се грижи за своите поданици, предадено се обидува да ги „просвети“ и цивилизира островјаните. Откако ќе му паднат в очи знаци на врска меѓу островјаните и најславното минато на македонскиот народ, Смарто се оддава на просветителско-политичка дејност. Бидејќи никогаш не се знае до каде ти допираат националните корени, Смарто е на мисија да го заштити идентитетот и автентичната култура. Ќе успее ли во тоа?
ФЕЈД ИН:
„Вистинска приказна. Дури и ако не е вистинска, верувај во неа.“
ЕКСТ. ОД ПТИЧЈА ПЕРСПЕКТИВА ПРИКАЖАН Е ПОМАЛ БРОД КАКО ПЛОВИ ВО ОКЕАН
В.О.
Во Сиднеј, велеград-котел, оставен да врие крај брегот под жешкото австралиско сонце, каде што се мешаат и претопуваат култури од целиот свет, долги години живееше Македонецот печалбар, Смарто. Во желбата да стане градоначалник на едно од многуте сиднејски предградија, Смарто се судира со подеднакво амбициозен Грк кој си ја беше поставил истата цел. Во трката за власт, според Смарто, дозволени се сите средства, но додека Македонецот и Гркот се надмудруваат, победува трет. После поразот на политичката сцена, Смарто ќе реши да потроши дел од спечалените пари на задоволство; купува мал брод, го прекрстува во „Јунајтана Маќедонија“ и заедно со својата љубов, пресната вдовица Дојдена, и помошникот Вртме, тргнува на пат околу Австралија. Оваа поморска идила бидува прекината од силно невреме.
Додека се слуша гласот на раскажувачот во кадар се појавува мапа ПОМОРСКОТО ПАТЕШЕСТВИЕ НА СМАРТО каде е означено каде се движи бродот на Смарто. Патешествието завршува некаде во Индискиот Океан.
В.О. (продолжува додека мапата е во кадар)
Патешествието започна од Сиднеј, потоа нагоре по источниот брег на Австралија. Тричлениот екипаж имаше мирно море и одличен помин во Нова Гвинеја и Индонезија и се прикотви уште на неколку интересни места на брегот на Западна Австралија. Дружината сакаше да продолжи да плови покрај австралискиот брег, но ограничените навигациски способности на Вртме и невремето го насочуваат бродот во несакана насока, некаде длабоко во Индискиот Океан…
ЕКСТ. СИЛНА БУРА НА ОТВОРЕНО МОРЕ
Силна бура на сред океан. Се чини дека бродот секој момент ќе потоне. Камерата успева да ги покаже името на бродот „Јунајтана Маќедонија“ додека се крева и спушта во големите бранови. Тричлениот екипаж е исплашен. Бродот крцка и чкрипи, небаре следниот миг ќе се распадне.
СМАРТО (В.О. исплашен)
Ко дајрек у пекол да слегофме, ту мајката. Да си станеф еден градоначалник ова немаше ни у машта да ме снајди. Ете ти, вака и парите си ги бупнаф за џабе у бродоф скапан и водиштево ќе ме лапни. Е, то је стопроцент траџеди, у суднио час ќе ме јадат рибетини туѓинцки. То ко една врста казна да ми је оти не си седеф мадро на суво.
ДОЈДЕНА (В.О. преплашено си дума во себе, припиена до Смарто)
Страшило је. Можит вака се напрај оти нешто сум зргешила негде. Ете на пример, можит горе стојт запишано дека со сила го закопав маж ми; ко тој и онака да не беше готоф за рипање, цел живот со мозокот ко да не беше на овај свет, само по трефките и бубачките си беше со умот затворен. По цел ден во то бафчата зад куќи киснеше. После шо сум му ја крива. Жена си барат машка рака да ја стисни на појќе места и почесто. Тој чојк поарно напрај шо си умре порано, ко гнила круша падна демек. Јас ништо со то си немам. Ова со Смарто шо си го прајфме и се љубевме и пофаќавме зад грбот на мажот ми требит да си је оправдано и од Господа таквајно за исправно.
ВРТМЕ (во близина на Смарто, преплашено шепоти)
Господе златен, знам, посекако ќе ме земиш. Али немој вака душица низ нос да ми вадиш, ја сигурно не сум заслужил вакво страшно давење. Еве, кажи ако сум ти згрешил нешто во последно време. Ко едини морнар немав време да седнам од работа. Вери бизи бев, со потврдени факти ти докажвам. Али ете, това за капетанот ич не можит да се речит. Виша сило, мојше да си видиш како капетан Смарто се дембелеше на палуба, по цел ден оптегнат крај негојта лепотица. Кај се најдоја вакви двајцата – Куку и Пипи, до уши полни со дрти мисли и плежас. По цел ден да стојам на нога за нивно лепо уживање. Дебело згрешив шо им се придружив. Слуга нивни се напрајв. Требаше да си седам во Сиднеј златен. Шо ми фалеше таму, си имав колку за дринк.
СМАРТО (силно го здрмува Вртме)
Како се најдофме у тестово? Ти си на најголема одговорнос за оваквото шо не снајде. Кај ти беја очите пијани? И ја ступид тебе шо ти дадоф бродо да го драјваш. Ти и ко бефме на суво не знајше да одиш по пато. У водиштево си побетер, не знајш дури ни да пливаш, у леѓен вода ќе се удајш.
ДОЈДЕНА (потиштено)
Џабе ви је карањето, сега сите ко секирчиња ќе удриме долу во длабокото. Можи па мориштево и не је толку длабоко, а? Оти, то не се знај. Ко ќе потониме, на пример, можи ако стојме на нешто поткачени ќе мојме да дишиме тро воздух со носојте кренати.
Вртме се подистави настрана и почна да потпевнува.
ДОДЈЕНА
Шо пејш?
ВРТМЕ
Македонско девојче си пејам.
СМАРТО
То не можи сега да се пеј! У вакоф судњи час онли нешто најпатријоцко да се викни, позитивно да се бодриме у духојте треби.
ВРТМЕ
Ко на пример?
СМАРТО
Ко на пример, еве да ја речиме химната.
ВРТМЕ
Нашата?
СМАРТО
Па нашата, бе ступид. Сигурно не чајницката или америчката.
ВРТМЕ
Ами си реков да не сакаш кенгурската, што да те знам. Толку време живејфме во Острелија, ко втора мајка ни стана, и една врста Ози сме сега, не сме веќе толку Маќедонци.
СМАРТО
Доста мелиш старо прдало, ко дошло време да се гини не признавам Ози. Оф-корс дека мислеф маќедонската да се запеј. Ајде, камон, пеј ако пејш, ако не – дави се побрзо, иш!
ВРТМЕ (викна на сиот глас)
А БРЕ МАЌЕДОНЧЕ, КАДЕ СЕ СПРЕМАШ…!
СМАРТО
Остаф! Но-гут, не чини. Ти си бе у класик мистејк. То ич не је химната. То је големо промашење.
ДОЈДЕНА (силно растревожена)
Леле мајче, фишот морски ќе ме јадит. Од мене ништо нема да останит, леле, леле!
Не стигна да ја доврши мислата, еден голем бран го преврте бродот и сите ги поклопи. „Јунајтана Маќедонија“ исчезна од површината.
Бурата беснееше уште некое време; кога се смири, облаците се расчистија, огреа месечина; небото беше кристално чисто, преполно со ѕвезди: како ништо да не се случило, на небесниот свод над Индискиот Океан се појави Халеевата комета.
ЕКСТ. НА ПУСТ ПЕСОКЛИВ БРЕГ. НАСЛОВ „Високо небо“
Штом ја поткрена главата Смарто забележа дека лежи на песоклив брег, пред него само хоризонт потонат во бескрајна вода.
СМАРТО (В.О – набројува додека си доаѓа при свест)
Бранови, бура, „Јунајтана Маќедонија“… катастрофа.
Се стресе од помислата на големиот бран што му се врати во мислите и пак го поклопи бродот – тука му се прекинуваше сеќавањето.
СМАРТО (В.О. продолжува)
Сигурно изгубиф свес или комплитли се удајф. Ту, ти ебам стреќата шугава.
Набрзо забележа, не е сам, во близина имаше уште некој. Отпрвин не препозна дека тоа е Вртме. Во очите на Смарто изгледаше како непознатиот (Вртме) да се качил врз беспомошната Дојдена и ја меси – ја фаќа и стиска по градите, ја гмечи по срамните меса.
СМАРТО (му подвика)
Чекај бе, види го цигулето будалцко. Шо дрти машта си прај качен на неја, се прајло така на жена шо спије или је умрена? Ај сиктер, мафни се од моја Дојдена. Ако сме дошле на другијо свет то не значи дека сега можиш да прајш шо ќе ти текни. Ја и на овај и на онај свет мавам гадно.
Смарто ведаш се најде над забревтаниот Вртме. Силно го удри по тилот. Вртме се затетерави и падна на колена во песокта.
ВРТМЕ (простенка)
Оф! Ме утепа за ништо. Това ми е фала што ти ја спасиф кожинката? Ете ти ја и Дојдена. Не знам дали ќе се повратит, имат многу испијано.
Дојдена тогаш се закашла и почна да исплукува вода. Набрзо ги отвори очите.
ДОЈДЕНА (пушти гласче кога го здогледа Смарто)
О, дарлинг, ти ме спаси, кис ми хероју мој.
СМАРТО (рипна како попарен)
…