Image

Христо Петрески: КОНДУРИ

Видов еден човек со две леви кондури на нозете

И просто се чудев како можел левата кондура

Да ја обуе на десната нога кога големиот прст

Е кај малиот прст и подобро пресечи го отколку да влезе лесно

Знам дека има луѓе на кои срцето им е од десната страна

Но небото никогаш не е под туку над облаците

И затоа попусто шетав низ градот барајќи го човекот

Со две исти такви кондури но десни и на двете нозе

А подобро ќе беше веднаш да тргнев кон продавниците

За чевли и да прашував случајно да не почнале

Да продаваат само по две исти кондури и за двете нозе

А само јас да носам една лева и замислете друга десна кондура!

Скопје, 29.4.2020 година