Image (3)

Силвана Величковска: Бајка

ВОЛШЕБНАТА БОИЧКА

Сонцето силно светеше кога Стефан појде на училиште. Мајка му со едната рака го држеше за неговото нежно раче, а во другата го носеше неговиот претежок ранец полн со книги за прво одделение.

„Мамо, зошто толку брзаме?“ потскокнувајќи ја праша Стефан.

„Да не задоцниме, мило. Не е добро да се доцни.“ му објасни мајка му и го стегна малку за рачето.

Кога го остави мајка му во училницата тој беше тажен. Стефан беше ведро и игриво детенце дома, но на училиште се чувствуваше малку поинаку. Му недостигаа мама и тато кои ракоплескаа на секоја негова, детска будалаштина. Беше тажен и срамежлив, но бргу се расположи кога ги виде своите другарчиња кои беа собрани околу Јована.

„Гледајте што имам јас!“ викаше таа „Имам волшебен молив!Хааа!“ и мавташе со еден необичен, розов молив во нејзиното раче.

Сите деца ја гледаа внимателно додека таа објаснуваше: „Со него одам во Земјата на светулките и во Земјата на снегот.“

Децата и се смееа, но Стефан знаеше дека Јована не измислува. Таа не беше таква. Сите деца викаа и никој никого не слушаше. Едни се сомневаа дека Јована измислува,а, пак, други велеа дека можеби може да дејствува ако силно замижеш со очите.

„Ученици, ученици!Часот започна!“ ги прекина милозвучниот глас на учителката. Таа првин ги смири, а потоа им објасни дека вистински чуда се случуваат кога едно детенце ќе земе молив и боички во своите раце. Стефан едвај чекаше да отиде дома и да си ги земе своите омилени дрвени боички.

Кога завршија часовите татко му го чекаше пред училиштето. Откако поразговара за неговиот напредок во учењето со учителката го одведе дома.

А, таму на неговото биро го чекаше еден необичен, шарен молив.

„Волшебен молив!“ извика Стефан и се затрча да го види.

„Тато, каков е овој молив? Зошто е шарен?“ праша Стефан вртејќи го моливот со своите прстиња.

„Тоа не е молив, сине. Тоа е боичка која ги има сите основни бои.Мајка ти ти ја купи и рече да патуваш во волшебната земја додека таа е на работа.“ рече татко му.

Стефан ја разгледа боичката имаше малку црвена, па малку сина, па до неа жолта и црна. Шкртна малку на хартијата. Ох, па оваа боичка работи. Кога се внесе во цртањето и боењето почувствува како сė наоколу се тресе. Тој повеќе не беше во својата соба. Стефан беше во Земјата на самовилите и чудните суштества. Сė беше волшебно и необично убаво. Секогаш кога ќе замавнеше со боичката суштествата добиваа друга боја. Тука беше крилестиот коњ Пегаз, го виде и Капетан Кука и Петар Пан, а и чудовиштето кое го нацрта кога одеше во градинка беше таму. Во моментот тоа и не беше токлу страшно личеше на бебешки чкртаници со очи. Еј! Му се насмевнуваше. „Леле! Леле колку е волшебно!“ викаше Стефан.

Едвај чекаше да ѝ каже на Јована дека и тој има волшебна боичка. Само нека се осмели некој да им се смее.