Морето беше огромно и лежеше пред неговите две боси ладни нозе кои беа помали и понесреќни во тој миг и од муцката на едно обично најмалечко и гладно куче
А тој се чудеше и бунеше со ужас во себеси бидејќи нешто од револт му се поткреваше одвнатре како тоа да не знае да плива а е воден знак и цел живот го помина покрај темните и непрегледни води
Затоа морето одеднаш скокна од дното на планинскиот теснец како да ја поткрена опашката и рипна право во устата на љубопитникот кој како прв пат да гледаше толку многу голема студена и чиста вода во која е се потопено освен неговите две помодрени нозе
Но со ѓаволот нема шега, па морето влезе и не сакаше веќе да излезе надвор каде не само што му беш студено туку немаше веќе ни потреба од тоа зашто и онака не го држеа а не пак да одат некаде двете кутри тенки нозе за жалење суви како ластегарки а сега веќе морски нозе
Не не скокна морето и не ми се врати назад за да го гледа единствениот осамен човек крај брегот ниту дојдоа рибите коралите медузите и други морски животни и растенија да бараат прошка и помирување, туку човекот не можејќи да ја поднесе тежината и скокна за прв и последен пат во водата каде лебдеше на површината некаков изгужван бел лист на кој некој поет цело време се обидувал да напише песна но не успевал во тоа зашто насловот бил недоволно инспиративен иако стоел и на корицата од книгата Песна и море