СЕГА ЗНАМ
на Љубе Цветановски
Сега ти сон стокми,
сон на вечноста,
оти доцна за разговор е,
а имавме толку многу
да муабетиме,
за Слојштичките води,
што го миеjа твоето
утринско лице,
за Петрета,
за Владета наш,
за Бели Mост
што ни ја дели куќата од реката,
за се ‘, а малку кажавме.
Сега знам,
сега е доцна за разговор,
оти се спуштија
сите небески параболи
во фокусот на времето запрено,
во темното дно на конечноста.
Сега знам,
веќе нема да испловат корабите,
од здивот на бесмртноста
што расејуваше со поглед
преку океаните.
Сега знам,
колку отворени патишта
ги запаметија твоите смирени чекори,
колку цивилизации проговорија
со твојот јазик.
Сега знам,
сега е доцна за разговор
со бестелесната опсесија на сонот,
никој не испловил
од понорниците на животот.
Брату,
пријателу,
биди спокоен на оваа пловидба
по вселенските океани,
оти сите ќе сме ти
вечни чувари
на заветот кон иднината,
кон вистината,
кон Тебе.