ТРИТЕ АНГЕЛЧИЊА И ПРИНЦЕЗАТА
Во една далечна земја во еден дворец си живееше една малечка принцеза по име Елиза. Имаше долга руса коса извиткана во локни на краевите и зеленкасти очи од кои извираше жолтеникава светлина.
Принцезата ја чуваа сите дворјани, ја растеа давајќи ѝ секое утро да пие топло млеко, што го носеа од измолзената крава. Постојано ја учеа да плете, да шие, да пере. Но, попусто беше сè. Нејзините ковчести, нежни и бели рачиња со издолжени прсти на кои блескаа долгите нокти, знаеја само да свират на клавир.
Утрото, на Лазарева сабота, принцезата ја разбудија лазарките кои пееја песни за неа, потчукнувајќи на дајрето. Кралот – таткото на принцезата, ги здогледа од балконот и излезе надвор. Тој им даде ситни метални пари на лазарките, за да ја благословуваат неговата ќерка да расте здраво и да не ја фаќаат клетвите од злобните и завидливи вештици кои во темните ноќи се шетаа низ дворецот.
Утредента на Цветници, девојките од градината на дворецот, набраа разнобојни цвеќиња и сплетија шарено и цветно венче. Го ставија на главата на принцезата, за нејзино здравје и постојано повторуваа: Да бидеш здрава и весела како ова цвеќе!
За една седмица доаѓаше големиот празник Велигден, а мајка ѝ го донесе во нејзината соба кадифениот фустан во црешово црвена боја, на кој имаше бела крагна исплетена од чист памучен конец.
Белите лаковани чевлички стоеја крај нејзиниот кревет, а на наткасната блескаше исплетената кошничка од бела тенка свеќа на која имаше залепени сликички од три ангелчиња.
Ноќта спроти Велигден принцезата од возбуда не можеше да заспие, размислувајќи за утрешниот голем ден.
Се замислуваше така облечена во свечената облека со ташничето в рака како оди во црква. Замислуваше како во едната рака ја држи кошничката направена од тенка извиткана свеќа како плетенка, на која беа излепени сликички од трите убави ангелчиња со тенки и свилени крилца.
Одеднаш ангелчињата од кошничката почнаа да ѝ пеат.
– Ние сме твоите чувари! Ние сме твоите чувари! – пееја тие со истенчен, весел глас.
– Од што ќе ме чувате? – ги праша принцезата Елиза.
– Вештицата утре се подготвува во дворот пред црква да ти ја запали твојата убава, долга и густа коса! – одговори првото ангелче.
– Додека сите луѓе се пред црквата, злобната вештица незабележливо ќе прелета преку нивните глави и ќе фрли оган на твојата коса! – рече второто ангелче.
– Таа ќе го направи тоа така, што сите ќе си помислат дека случајно ти се запалила од некоја свеќа! И не само тоа, ќе сака да ти го запали и твојот нов кадифен фустан! – рече третото ангелче.
Исплашено и загрижено, принцезата гледаше кон фустанот обесен на закачалката на големиот шифењер, а срцето силно ѝ чукаше. Во темната соба, стравот ја обзеде целата. Таа се покри преку главата со белото свилено јорганче и едвај чекаше да се раздени.
Вечерта, спроти Христовото воскресение, некаде пред полноќ, се собраа дворјаните. Сите со свеќи в рака и по едно црвено јајце, се упатуваа кон големата црква на крајот на дворецот. Од таму низ воздухот се ширеше звукот на камбаните што допираше до ушите на сите, најавувајќи ја најрадосната вест.
Кралот, кралицата и малата принцеза поминуваа низ широката улицата која беше исполнета од двете страни со народ како река. Тие ги поздравуваа поднаведнувајќи ги своите глави.
Сите брзаа да застанат во дворот на големата црква.
Елиза црвсто ја стегаше раката на мајка си.
Звукот на камбаните беше сè посилен: Динг – донг, динг – донг, динг – донг!
Во толпата народ од темната височина на ѕвезденото небо, принцезата ја здогледа злобната вештица како лета качена на нејзината метла.
Таа кружеше над главите на насобраниот народ, а во раката држеше факел со запален оган. Принцезата имаше чувство дека лета со голема брзина кон неа.
Тогаш на нејзиното рамо слетаа и застанаа трите ангелчиња.
– Тука сме! Не плаши се! – шепотеа тие нежно мавтајки со своите свилени крилца.
Во тој миг тие го зграпчија факелот со запалениот оган од рацете на злобната вештица и го фрлија во водата на црквената фонтана.
Вештицата многу се налути затоа што не ѝ успеа планот, па се изгуби далеку низ темното ѕвездено небо.
Убавите и добри ангелчињата се вратија како сликички на нејзината кошничка од плетена бела свеќа.
Трите ангелчиња никогаш не ја напуштија принцезата и беа нејзини чувари од злобните клетви и лошите вештици до крајот на нејзиниот живот.