Image

Христо Петрески: Вкусот на црешите

Само тој што не започнал да раскажувал – не раскажал ништо, односно не стигнал од една до друга точка, не направил ни една стапка ни постапка… Така и јас, си добив домашна задача да раскажам за моето детствго, но од каде да почнам и каде да завршам… Дали да раскажувам за првата или за втората куќа, зашто имавме и живеевме во две куќи во селото Растојца – Крушевско, а сега Демирхисарско. Дали да раскажувам за кучето Мурго, коњот Брешко, кравата Мерка, или…
Па, ајде веќе раскажувај – како да го слушам Вашиот глас и негодување.
Или, како да не раскажам дека учев во три села: Растојца, Ракитница и Жван, а потоа – во Белград!
Но, како што секоја приказна има свој почеток и крај, така и јас најпрвин ќе кажам (потсетам) дека селото Растојца е едно од најубавите села, зашто не е ниту полско, ниту планинско, туку и едното и другото истовремено.
Под селото тече реката со многу необично и оригинално име – се вика Жаба, зашто има жаби, но има и риби, а во неа ловевме и тоа со раце под камчињата – покрај мренчиња и кленчиња и пастрмки со вистински црвени точки. Не многу големи, но доволни ако не да се најадеме, тогаш барем да пробаме и да се пофалиме со низалката од врба на која ги нижевме.
А, кога сме веќе кај врбата – токму од врба правевме свирчиња, во пролет, кога врбите имаа сок, а ние ги делкавме и правевме свирчињата и така трчајќи и свиркајќи беревме и јадевме киселица по ливадите. Но, беревме и јаглики, качунки, темјанушки, боливач, липа, кантарион, вратика… Всушност, бевме дел од природата и живеевме и со неа и сред неа, да не речам во неа!
Како деца јас и брат ми имавме куче Мурго, волчјак, попаметно дури и од човек.
Возевме велосипед, кои ние го нарекувавме точак и со него одевме на училиште во Жван.
Одвај чекавме да узреат дивите јагоди, но и комшиските и селски црешни и јаболка петровки.
Ќе скубневме грозје од лозниците и малкуте лозја, а имавме и вкусни и крупни лубеници  и дињи кои беа презрели и распукани, но и пиперки долги како рогови од брав и патлиџани розови и слатки како шербет.
Сега си велам каде отиде (исчезна) сета таа здрава и вкусна храна, па веќе не може да се повтори и повторно вкуси истиот тој детски вкус!!!
Колбасите беа со чисто месо, со праз и црвени пиперки, а највкусни беа варени со грав или испечени на раженче над жарјето од огништето во шпоретот на дрва.
Ако продолжам вака со набројување и потсетување само за храната – некој ќе рече дека сме биле гладни, што и не е далеку од вистината, зашто одвај чекавме да си заминат гостите па да остане нешто и за нас децата!
Но, не бвеме само гладни, бевме и алчни и стрвни, немирни и постојано во движење (шетање и трчање), лекциите ги учевме од нога, а и домашните ги пишувавме најбрзо што може – под газиена ламба, а подоцна и под електрична сијалица.
Со парчето леб намачкано со свинска маст, сол и пипер, или со вода и шеќер, или со зејтин и пипер, одевме на фудбал, на капење, на клиска, криенка-миженка, брканица, а понекогаш и на малку кредење во некоја забранета градина, лозје, бостан или овоштарник.
Најголема беше радоста, дури волшебна, од качувањето на коњ, возењето точак на еден педал, играњето во сламата и сеното во плавнета… Таму се чуваа зелените лубеници, но и крушите кои дозреваа од доцна есен до рана зима.
А, кога ќе паднеше првиот снег – ние бевме први со самонаправените санки и дрвени скии на најблиската тумба на ридот.
Но, не сакав физичко и музичко, ниту општотехничко и хемија, туку математика, физика, македонски, историја, географија, биологија…
Ги сакав учителот Миле од соседното село Ракитница, каде завшив трето и четврто одделение, но и класниот Стојан од Брезово кој ми предаваше француски и Бошко од Доленци кој ми предаваше математика и физика, а добри беа и Ило од Граиште кој ми предаваше историја, Иванка од Жван по македонски и речиси сите други наставници во Жван.
Како деца им помагавме на родителите со носење вода од селските чешми, сечење и трупење дрва, нижење тутун и слични други работи, но најмногу им се радувавме на селските слави: Ѓурѓовден, Меркурија и Свети Ѓорѓија, а се разбира и на празниците: Велигден, Бадник, Коледе, Василица…
Моите родители Васил и Круна и брат ми Гоце и јас точно знаевме од каде и кога изгрева и заоѓа сонцето, па не ни требаше ни вистински часовник и затоа гледавме што побрзо да излеземе од дома, а што подоцна да се вратиме од полето и нивите…
Се радувавме, па дури и потскокнувавме од радост кога ќе добивме петка, а најмногу кога ќе ни беа сите оценки петки и кога ќе добиевме книга како подарок за одличниот успех и примерното поведение!
Газевме длабоки снегови, кои беа навистина големи но и ни се гледаа така зашто ние бевме мали. Дури и кога би можело – никогаш не би го пртоменил своето детство, истото она кое беше и гладно и бедно, и премрзнато и плашливо, и храбро и немирно, и единствено и неповратно…
Па, токму и поради тие незаборавни и несекојдневни спомени, минатата година ја реновиравме родната куќа, ја овновивме авлијата, ги исчистивме и средивме (модернизиравме) собите, зашто сега имаме и дома чешми со купатила и вода, каучи а не железни и дрвени кревети, радија и телевизори, па дури и интернет што тогаш не можевме ни да го сониме, а не пак и да го замислиме…
Мојот наставник Бошко, математичарот и физичарот, предвидуваше дека ќе станам втор Никола Тесла, но ако Тесла не станав – станав новинар, писател и професор, па еве вака можам самиот и постојано и да си ги запишувам, раскажувам и објавувам своите спомени, сеќавања, кои се едни и единствени!
Сега во Растојца расте висока трева, нивите се претвораат во ливади, но белки еден ден повторно ќе растат и трчаат по ливадите, низ реката и по селските улици немирни, весели и убави деца!