Image

Трајче КАЦАРОВ: НЕМОЈ ДА КАЖЕШ НАВИСТИНА НЕМОЈ ДА КАЖЕШ

И тогаш беше ти
кога во подрумските соби
собирав црвени петокраки,
а пролетерските пароли
ги пишував врз кожените
панталони  на Сузи Кватро.
И тогаш беше ти
кога на матурскиот бал,
како опашеста ѕвезда,
над главата ми прелета
„флаширано скопско“,
кога студиската година
ја заверив со фрузура
на Џон Траволта
и насмевка на Ли Ван Клив.
И тогаш беше ти
кога од  опсадата
на тразициската „штампа“
се извлеков држејќи се
за брадите на книжевните
модернисти.
И тогаш беше ти
кога татко си замина
како дел од смачканото племе
на Блаже Конески.
И немој да кажеш,
навистина, немој да кажеш
дека си се родила многу подоцна
од мојот прв бакнеж
и мојата стогодишна

љубовна робија.