Slika

Славица Петровиќ Тодорова: Бајка

ОСТРОВОТ НА САМОВИЛИТЕ

Седеше со главата потпрена на рацете на жолтата клупа во сивата градина. Беше заробена на Островот на Самовилите. Околу неа темновиолетови печурки ја красеа градината. Тоа беа џуџињата. На пурпурното небо силно светеше волшебната сина месечина. Ѝ се восхитуваше, зашто толку силно блескаше што зраците на каменото сонцето на сивата порта оживуваа и го топлеа сивилото околу неа. Брановите на океанот кои го заплискуваа брегот со себе го донесоа мирисот на јоргованот од нејзиниот дом. Тоа беше мирис на спокојство и љубов.

Кога ги погледна малите виолетови џуџиња печурки, спокојот ѝ го нарушија сеќавањата.

– Мамо, да одиме во продавницата и да го купиме кадифеното мече, – ја влечеше мајка си за здолништето кон продавницата.

– Леа, ти реков дека ќе го купиме другпат, – ѝ одговори мајка ѝ, ја повлече за рака и се упатија дома.

Леа беше лута. Беше гневна бидејќи не можеше да го добие она што го сака, а таа беше научена секогаш да го добива она што го сака. Во тој миг не ја сакаше мајка си, не сакаше да ѝ прозбори ни збор откако се вратија дома. Се втурна во својата соба, се фрли на креветот и се покри со прекривката преку глава. Не одговори ни кога мајка ѝ ја викна на вечера. Не сакаше да јаде, не сакаше да седи на иста маса со неа, зашто не сакаше да ѝ го купи кадифеното мечето.

– Оф, колку згрешив, – прошепоти како за себе и испушти тивка воздишка.

Немото сјаење на полната месечина како да ја осветлуваше нејзината душа, а не сакаше да се сеќава, зашто тогаш мислеше и на тагата на мајка ѝ и татко ѝ.

– Колку ли се загрижени, моите драги родители, – се јадосуваше Леа.

Не знаеше како стигна на Островот на Самовилите, но копнееше да се врати дома, во прегратката на мајка ѝ. Овде самовилите беа различни, не наликуваа една на друга. Пегаз беше нивната кралица.

– Леа, ајде дојди да вечераш, – ја викна самовилата Пеперуга. Со своите зелено-жолти крилца леташе околу неа и ја канеше на вечера. По неа долета и самовилата Змеј. Таа не зборуваше, само ѝ упати прашален поглед на Леа.

– Не сакам, не сум гладна, – рече Леа.

– Знаеш дека нашата кралица самовилата Пегаз многу ќе се налути, – ѝ рече самовилата Змеј. – Таа сака сите да бидеме на масата, сите заедно.

– Но мене ми недостасува мојата маса, ми недостасуваат мајка ми и татко ми – плачливо им се обрати Леа.

– Ајде, не плачи, дојди.

Леа се упати кон големиот зелен салон, каде што малите самовили вредно ја подготвуваа масата, како пчели во кошница. Кога сè беше подготвено, влегоа Пегаз и лукавиот трол Лукијан. Лукијан, малиот трол со долг нос и долги влакнести раце беше главниот советник на кралицата Пегаз. Леа забележа дека е замислен и се прашуваше зошто.

Пегаз беше кобила со долги нежни крилја. Седна на челото на масата и сите заедно вечеравме. Не чувствуваше непријателство, но не се ни чувствуваше пријатно во ова друштво на необични суштества.

По вечерата излеговме во градината, а Лукијан ни пушти филм. На филмското платно блесна Леа. Сите ја гледаа сцената кога Леа ја влече мајка ѝ за здолништето и вреска. Леа се вџаши.

– Леа, ти знаеш зошто си овде, – ѝ се обрати Пегаз. – Знаеш дека беше неправедна кон мајка ти.

– Да, врисна Леа, знам, и никогаш нема да го повторам истото, само пуштете ме да одам кај мама.

– Не е така лесно, – ѝ одговори Пегаз. – Ако сакаш да си одиш дома, треба да засадиш јоргован, кој ќе расцвета и ќе ја врати бојата во градината.

– Ама, како? Овде има само песок. Како да засадам јоргован на песоклива земја? – очајно проговори Леа.

Но Пегаз не го слушна нејзиното прашање, зашто веќе одлета кон прозорецот на својата кралска соба.

– Не грижи се, Леа, јас ќе ти помогнам, ќе најдеме начин, – ја тешеше тролот Лукијан.

– Но тоа е невозможно, не можеме да засадиме јоргован на песоклива земја, – објаснуваше Леа.

– Ти оди легни си, утрото е помудро од вечерта, – ѝ рече Лукијан.

Леа замина на спиење, а Лукијан остана во градината. Отиде до брегот и свирна на своето волшебно кавалче. До него доплива сирената Марта. Лукијан ѝ ја објасни задачата што ја доби Леа и таа се нурна во океанот кон соседниот брег.

Утредента кога стана од спиење, Леа погледна низ прозорецот и се изненади – до клупата во градината, наместо, песок имаше земја и едно дрвце. Тоа беше јоргован.

– Но, како? – праша Леа

– Ќе ти кажам, но сега треба ти да го засадиш – ѝ одговори Лукијан.

Го засади дрвцето, го полеа со вода и чекаше тоа да израсне. Тоа беше волшебна земја, па јоргованот израсна за само неколку дена. Цветовите на јоргованот го раширија својот мирис, мирис на пролет, на љубов, на убави мигови. Џуињата печурките занесно ја вдишуваа миризбата и еден по еден го добиваа својот вистински лик, беа сини, жолти, розови.

Долета и Пегаз, и Пеперуга, и Змеј, и сите жители на Островот на Самовилите. Прв пат Пегаз се насмеа. Сивилото доби боја, песокот исчезна, зелена трева се посла низ градината, сивата порта засвети во златен сјај, а сонцето на неа ги брануваше своите зраци.

– Па, браво, Леа, успеа! – радосно извика Пегаз и направи пируета во воздухот. Сите ѝ ракоплескаа и се радуваа, дури и сирената Марта се правеше салто во водата.

– Да, но немаше да успеам да не беше Лукијан.

– Знам, знам, малиот трол ти помогна, но тој ни помогна и на сите нас.

– Како? – се изненади Леа.

– Мојот лукав Лукијан знаеше дека само ти можеш да ја вратиш бојата во градината, зашто не си како нас. Но тој сакаше и да почувствуваш како е да се грижиш за некого, за нешто што ти е толку важно и скапоцено. Неговата пријателка Марта се погрижи да добиеш земја и гранче од јоргован, а останатото беше твоја работа. Ако не успееше, не само што ти ќе останеше заробена на островот туку и ние ќе останевме заробени во сивилото на градината. Леа, не заборавај, твоите родители се грижат за тебе како да си дрвце јоргован што треба да расте на песоклива земја.

Леа ја научи лекцијата. Се разбуди во прегратката на мајка ѝ и силно ја гушна.

– О мамо, моја драга мамичке. Не сакам ништо да ми купуваш, само сакам секогаш да бидеш до мене, – ѝ рече Леа и ѝ беше драго што сето тоа било сон.

Низ прозорецот до неа допре мирисот на јоргованот од дворот. Во главата ѝ одекнуваа зборовите на Пегаз. Не е сигурна дали се беше сон, но оттогаш ја слушаше мајка си и беше среќна што некој со безусловна љубов се грижи за неа.