Знаете, понекогаш
на крајот од денот
само пропуштените прилики
знаат да не прегрнат најтопло.
Свири гласна музика,
а тишината во нас
е сѐ уште тука.
Занесено гледаме во часовникот,
ги следиме стрелките
како се натпреваруваат
една по друга
која ќе трепне прва.
И се прашуваме
како времето да го вратиме назад?
Ветрот тивко ни носи
посебни мириси
кои знаат да не вратат во друго време
и друго место,
магично да не одведат
во среќна бајка
и миг потоа
со сета сила
да не треснат во реалноста.
И тогаш сфаќаме,
времето ко бели гулаби
одлетало далеку до бескрај,
а ние сме овде
и пливаме низ сегашниот миг.
Разбудете се,
почувствувајте го вашето срце,
тоа бие во сегашниот миг
насмевнете се,
бидете среќни во овој миг,
пратете им љубов на сите
сакајте длабоко во овој миг,
сонувајте
и доживувајте бидејќи во овој миг постоиме.
Постоиме за да ја почувствуваме
магијата на овој миг,
сегашниот.
Знаете, живееме
во сегашниот миг
сѐ додека не дојде
нашиот последен здив,
и тогаш не е важно кој сме,
не е важно што сме,
и не е важно каде сме,
единственото важно нешто
е колку љубов сме подариле и примиле,
колку сме биле среќни и исполнети,
сѐ до нашиот последен здив
сѐ до нашата последна воздишка.
Меги Велкова, Кочани