Оливера Станковска: РАЗГОВОР СО ЖИВОТОТ

Несвесни за своите чекори,
како во бунило,
сал одек се слуша
во кругот на времето
(чуден круг низ тунелот на животниот лавиринт)
неизвесноста се поигрува,
не мами во нови надежи
и надитрени зачекоруваме,
но чекорот запира
и помислуваме – тука е крајот,
несвесни дека постои само напред
и нема враќање назад,
точка ставаме,
но точката во запирка преминува
и нашето наивно талкање продолжува
до еден момент на радост,
до трошка среќа
која надеж во вените ни вбризгува,
та ни се присторува
дека до облаците сини ги допираме
и врвот го досегнуваме
се до мигот,
кога запирката точка станува.
Преплашени
дека сè има свој почеток и крај
лакомо го дојадуваме
краешничето од животната погача
и спас бараме во љубов бескрајна,
за неа молиме
и за момент се запрашуваме:
Дали љубовта доаѓа како одек
на нашата длабока молитва,
од нашите воздишки тешки
кои повремено од душата се откорнуваат,
дали љубовта е плод на нашето постоење
и дали љубовта
точката во запирка ја претвора,
а се друго е илузија!?