Митре Мангоски Радождански: ДРВО НА ЖИВОТОТ

Пејзажот го нанижува твојот глас;
во дланките мирно езеро држиш,
синиот час во ноќта се спушта
пауновите пердуви ги крунисува.
Надежта со смалува растојанието
помеѓу ноќта и денот,
минувајќи низ невидливото
зборовите го бојат кадифеното небо.
Како разден се исправам
пред моќниот шум на градот
со единствениот совршен трепет
во корабите на нескротливото време.
Фрагментот е доза на моментот
меѓу мислата и зборот
во цутовите на огненото дрво
повторно се гледаме во ренесанса.
Како витез на едно совршено бегство
заковајте ме за дрвото на животот!
Оставете ми ги иглолисните зборови,
со кои нејзе ја довикував.