Image

ИНТЕРВЈУ СО ВИКТОР РАДУН ТЕОН

Виктор Радун Теон е универзитетски професор, економист, филозоф, книжевник, критичар, преведувач од Нови Сад (Србија).

 

Прашања:

1. Детството и младоста како првични врвици, предизвици и предодредености за понатамошниот пат и успех;

2. Животниот пат и професионалната определба во матичната средина, но и надвор од неа;

3. Сцили и Харибди; премрежиња и препреки, но и професионални успеси и животни радости;

4. Што е за Вас најголем успех и како се стигнува до него (преку Вашето животно и професионално искуство);

5. Кои се личностите кои пресудно влијаеле на Вас;

6. Што е она што го подготвувате (работите) денес во Вашата секојдневна творечка и креативна работилница и лабораторија: со што најново сте преокупирани, што планирате, на што се воодушевувате, што Ве храбри и бодри, а што Ве загрижува и обеспокојува;

7. Ваша порака за читателите, современиците и идните генерации…

8. Предложете успешни личности кои Вие лично ги познавате.

Одговори:

 

1. Уште многу рано во детството имав изразена љубопитност. Сметам дека љубопитноста е клучен фактор за успех на секое поле, особено во рамките на науката, филозофијата, уметноста и другите креативни човечки дејности. Паметам дека многу често, како дете, му поставував прашања на татко ми, кој имаше трпение да ме сослуша и да ми објасни сé што ме интересираше, а ме интересираа многу нешта, во врска со природата, човекот, општеството, вселената, итн. Некаде во трето одделение изразив желба да бидам научник и футуролог. Но, паралелно со моите опсесии со науката и иднината, почнав да пишувам. Во почетокот пишував романи и раскази. Кон крајот на основното училиште и на почетокот на гимназија, во мене се разбуди и поетски потенцијал. Рано почнав да експериментирам со своите можности и тренирав да работам и дење и ноќе. Ова не можеше да помине неприметено. За моите школски другари станав чудак и фанатик. Така уште во детсвото ја искусив другата, темната страна на посветеноста кон знаењето – станав осамен и околината немаше разбирање за моите „фантазирања“. Но, ова искуство на недоразбирање и конфликт со средината однатре ме зајакна и развив силна волја, упорност и посветеност кон умна работа. Заради рамнотежата, којашто треба да биде секогаш врвна идеа, неопходно е човекот да има и некоја физичка активност – јас долго време практикувам јога, медитација и молитва, а повремено фитнес, долги пешачења, возење велосипед и планинарење.

2. Животот секогаш е полн со искушенија и не може да се предвиди. Како што спомнав во претходната точка, она што ме влечеше напред беше голема и силна љубопитност. Сакав да имам сеопфатно знаење; тоа е причината што и по завршувањето на гимназијата не бев сигурен на каков факултет да се упишам. Се колебав помеѓу филозофија, книжевност и психологија. Тогаш се советував со татко ми, кој ми рече, навистина најдобронамерно и без да ми наметне свое мислење, да запишам студии по економија, со аргументација дека по завршен економски факултет ќе можам полесно да најдам работа, а потоа можам да се занимавам со она што сакам. Така и направив и се запишав на економски факултет во Скопје. Тоа беше голема пресвртница во мојот живот: почнав да студирам она што пред тоа воопшто не ме интересираше, дури имав еден вид презир кон економија. И така, си дадов време од една година, додека служев војска, да создадам интерес за економија. Се фрлив со сета сила на проучување на економски дела: прочитав поголем дел од позначителните дела од Маркс и Енгелс, вклучувајќи го и (делумно) Капиталот, и доста книги од политичка економија, особено книги за економската криза, којашто тогаш (втората половина на 1980-ите и почеток на 1990-те) беше во жижа на интересирањето во јавноста. Пронајдов врски со филозофијата и успеав да се заинтересирам до таа мерка што забележав одлични успеси на факултетот. Кон крајот на студирањето, изразив желба да продолжам на постдипломски студии, со цел да станам професор. Но, 1987. година се преселив од моето родно Скопје во Бачка Паланка, па 1989. во Нови Сад, и со приближувањето на 1990. година видов, како и целата моја генерација, дека тогашната наша земја – Југославија – се распаѓа. Решив да се преселам во Србија. Во Нови Сад бргу се вработив во струката, и наредните две децении бев ангажиран во неколку претпријатиа, воглавно приватни, во областа на надворешна трговија, комерцијална дејност и маркетинг. Таа работа не можеше лично да ме исполни, но слободното време го користев за духовно самоусовршување, проучување и пишување, воглавно поезија. Тогаш се случи уште една голема пресвртница во мојот живот, во 1999, по НАТО бомбардирањето на Србија, кога посакав повторно да се запишам на постдипломски студии по економија. Така магистрирав на факултетот во Суботица во 2003, и бргу после магистрирањето добив отказ во последната фирма во којашто тогаш бев вработен. Првин тоа беше голем шок за мене, но таквата ситуација ја разбрав како прилика да најдам работа во едно сосема ново окружение, и ми дојде на ум идеата дека би можел да се вработа како асистент на некој факултет. Така дојдов во контакт со деканот на еден приватен факултет за менаџмент во Нови Сад и после само две или три средби му изразив желба да бидам ангажиран како асистент на факултетот. Оваа моја намера го изненади деканот, но по некое време ме побара и јас почнав да работам како асистент. За неколку години докторирав, со што стекнав услов да бидам ангажиран како доцент на истиот факултет. Уследија години на мојата професорска ангажираност на висока школа и неколку факултети, така да денес работам како професор на факултетот за применета екологија Футура од Белград. Паралелно со мојата академска професионална оријентација, се усовршував како преводител од и на англиски јазик, а од 2008. почнав и да објавувам книги, учебници, статии, есеи во разни реномирани списанија и се остварувам паралелно на повеќе полиња: освен на стручното поле – во областа на економија, менаџмент, маркетинг, итензивно пишувам и објавувам во континуитет во областа на книжевноста (поезија, проза), филозофијата и спиритуалноста. Интердициплинарноста е нешто како мое карактерно обележје, тоа е нешто што ме исполнува. Сметам дека во денешното време комплексноста и турбулентноста на глобалното општество задолжително бара комплексни, интердисциплинарни пристапи и дијалектичко, системско размислување.

3. Секој животен и професионален пат е полн со Сцили и Харибди. Ние живееме за да оствариме свои цели, своја визија. Остварување на своја визија воедно е самоостварување. Тоа се сведува на исто. Пречки, тешкотии, бариери, маки – сето тоа е неизбежен, составен дел на секој професионален пат. Без нив, патот би бил неинтересен, монотон. Без препреки, целта и визијата кон која стремиме не би била толку значителна и успехот не би ни нил толку важен. Без препреки, не би се радувале толку на успехот. Препреките се всушност наши предизвици и искушениа. Тие служат да не зајакнат, да ја оснажат нашата волја, нашата фокусираност и спремност да истраеме до крајот, до остварувањето. Тие не подготвуваат, ја тестираат нашата верба и волја, и без нив успехот е бесмислен. Замислите што би значел успехот за нас кога сосем лесно и едноставно би можеле да оствариме и достигнеме било која цел. Тогаш ни успехот не би ни значел, дури не би ни знаеле што значи успех и каква е вредноста на успехот. Многумина никогаш не можат да ја искусат онаа ненадминлива екстатична радост и восхитување, онаа ерупција на енергија и животна сила, до која доаѓа кога човекот ќе ја оствари својата цел, својата визија. Тие стигнуваат само до едно ниво, и потоа се сопнуваат, паѓаат. Само најјаките, најхрабрите, најиздржливите и најупорните стигнуваат до точката на успехот и уживаат во моментот на остваруваето на својата визија. Но, успехот не треба да нé заслепи и опфати со самољубивост, алчност или таштина. И во најголемата радост треба да ја задржиме скромноста и чесноста. Треба секогаш да имаме одговорност и кон себеси и кон другите, така да не застраниме во егоистична горделивост и не помислиме дека сами сме заслужни за успехот, дека можеме сé да направиме или дека сé ни е дозволено. Тоа е најголема грешка и неа постојано треба да ја имаме во предвид. Без оглед на нашите успеси или неуспеси, сите ние сепак сме само луѓе и поврзани сме со невидливи врски со општеството и милјето во коешто растевме и се развивавме. И конечно, секој успех е само една освоена станица во безграничниот натпревар којшто животот ни го нуди. Затоа, треба да се радуваме на успехот, но секогаш со мерка, и секогаш со благодарност и почит кон нашите предци, пријатели, сите оние луѓе од кои сме научиле нешто, во рамките на одредената културна и најширока општествена средина.

4. Најголем успех, според мене, е човекот да ја оствари својата визија. За да го стори тоа, тој мора цврсто и непоколебливо да се фокусира на таа своја визија и крајните цели коишто сака да ги постигне. Најтешко е човекот да пронајде во себеси она што го нарекувам неговото вистинско Јас. Кога ќе препознае што е неговото вистинско Јас, тогаш треба да се усредсреди да создаде своја визија, којашто би одговарала на неговото вистинско Јас и во којашто цврсто верува, и кога тоа ќе го направи, треба само да оди напред, кон нејзиното остварување. Човекот не треба да се осврнува на тешкотии, предизвици и искушенија кои го чекаат на патот на остварувањето на неговата визија. Ова би го формулирал на следниот начин: „Оди само напред и следи ја својата визија, не осврнувајќи се на попатни тешкотии. Ако паднеш, само крени се и продолжи.“ За да се оствари вистинската визија, неопходно е да се има силна страст и непоколеблива волја и истрајност. Само така, наоружани со овие доблести, и со неизбежно трпение, можеме да го совладаме времето и да стигнеме до конечното остварување на нашата визија.

5. Мене отсекогаш ме импресионираа личностите, во креативната историјата на човештвото, коишто имаа оригинални, радикални идеи и мислења, контроверзни гении коишто се издигнуваа над околината, коишто имаа разновидни, широки интересирања, и коишто не можеа да се вклопат во некој одреден клише. Ги проучував нивните животи и учев од нив. Она што ме инспирира кај нив е длабочината на нивниот ум, сеопфатноста на нивните размислувања, и нивната постојаност, концентрираност и фокусираност без отстапки, фанатичност на нивната волја и бескомпромисна решеност да истраат без оглед на огромните тешкотии и препреки на кои наидуваа на својот пат. Таквите гении доаѓааа во конфликт со својата средина оти беа со светлосни години пред своето време, но нив ништо не можеше да ги спречи да го остварат она што го наумиле и да создадат свои велоиченствени дела. Меѓу таквите одбрани гении, кои ми се узор, пример и инспирација, и кои пресудно влијаеа на моето творечко обликување, пред сé од областа на филозофијата, книжевноста и духовните науки, би ги спомнал: Ниче, Витгенштајн, Езра Паунд, Достоевски, Парацелзус, Лао Це, Вивекананда, Албрехт Дирер, Леонардо Да Винчи, Тесла, Вилхелм Рајх, К. Г. Јунг, К. Маркс, Вилијам Блејк, Гете, Маларме, Данте, Балзак, Бранко Миљковиќ, Дис, Кочо Рацин, Ацо Шопов и др.

6. Во мојот истражувачки фокус веќе подолго време се наоѓа глобализацијата, глобалната економска, културна, политичка и општествена криза, и иднината на човекот, технолошкиот развој и светот. Имам напишано доста статии и есеи од проблематика на глобалната економска и општествена криза и феноменот глобализацијата. Во контекст на проучувањето на кризата и иднината на развојот на човекот, општеството и технологијата, пред десетина година почнав посериозно да се занимавам со анализа на хуманизмот како посебна филозофија и движење. Изучување на хуманизмот ме поттикна да навлезам во анализата на технолошкиот развој и глобалните општествени промени, и во тие рамки да размислувам за можностите, искушенијата и предизвиците кои ги носи Новиот светски поредок и новите, радикални технологии, кои се во состојба радикално да го трансформираат човекот, изменувајќи го и суштински и во форма во еден нов вид суштество – хибриден облик како синтеза на човекот и машината, вид на натчовек, транс-човек или пост-човек. Така наидов на филозофија, идеологија и движење наречено трансхуманизам, којшто ми стана опсесија и постојан предмет на размислување и анализа последните 5-6 години. Минатата година објавив прва филозофска книга за трансхуманизмот на српски јазик и во регионот – Трансхуманизам: Иднината без луѓе, во издание на реномирана и храбра издавачка куќа Пешиќ и синови, Белград. Оваа година пишувам книга за некои други опасни тенденции и агенди кои што ги носи Новиот светски поредок во областа на политизација на сексуалноста и навлегување на родната идеологијата во сите сегменти на општеството и како тоа се одразува на општите односи помеѓу мажите и жените, на фамилијата, традицијата и општествената структура и динамика во иднината. Покрај тоа, подготвувам нова, шеста книга на поезија, која би требало да биде последна книга од мојот голем поетско-филозофско-мистичен циклус којшто го нареков Ауроборос (циклусот се состои од книги коишто симболички ги представуваат клучните градивни елементи и сили на универзумот) и наменета е на елементот Земја. Исто така, во подготовка е и антологијата на авторите (поети, писатели и критичари) на издавачката куќа Бистрица од Нови Сад, чиј сум редактор, и којашто треба да излезе од печат оваа есен. Свесно барам комплексни, ризични и интригантни теми и прашања и се обидувам да ја досегнам суштината и ги анализирам опфатот, целите и тенденциите на овие бурни промени со цел да ги согледам консеквенциите за човекот. Секогаш во прв план ми е човекот, неговото место, улога и сврхата во идните глобални општествени промени коишто нé очекуваат.

7. Мојата порака до читателите ќе биде едноставна и јасна: „Бидете секогаш верни кон својата визија, бидете истрајни и доследни, разгорете го пламенот на својата страст и фокусирајте се фанатично на она што е Вашата вистинска задача. Не одстапувајте и не се плашете од пречки и препреки, какви и да се. И никогаш не дозволите успехот да Ве занесе и опие, така да станете бездушни, себични и алчни. Имајте секогаш во предвид дека никогаш не сте сами, останете прибрани, имајте обѕир кон сите они кои на било кој начин ви помогнаа, ве инспирираа, ве поддржаа и ве ценеа и споделите ја својата радост за успехот со нив.

8. Меѓу успешните личности кои лично ги познавам, го почитувам нивното творештво и нив како луѓе, предлагам некои од следните: Драган Јовановиќ Данилов, Пожега/Белград, Србија (поет, писател, критичар, есеист); Алпар Лошонц, Темерин, Србија (академик, универзитетски професор, филозоф, социолог, економист, есеист); Ристо Василевски, Смедерево, Србија (академик, поет, писател, филозоф, критичар, преведувач, издавач); Весна Пешиќ, Белград, Србија (писател, издавач); Миша Ѓурковиќ, Белград, Србија (директор на Институтот за европските студии, Белград, филозоф, политиколог, есеист) и Дивна Вуксановиќ, Белград, Србија (универзитетски професор, писател, поет, есеист, критичар).

Интервјуто го направи: Христо Петрески