Image (9)

Иво Митев: КУЧЕТО ШТО БЕШЕ ЧОВЕК (Бајка)

Приказнава требаше да биде бајка, а е вистина. Иако за ова можам да ви зборувам со денови, сепак ќе се обидам да ви ја раскажам со помалку зборови. И токму така како што навистина беше. А беше како во бајка.

Се случи во едно место каде што некогаш имало многу авиони. Луѓето со нив долги години летале насекаде. Сега таму немаше ниту еден авион. Во тоа место еден ден се појави едно кучето што личеше на тигар. Никој не знаеше да одговори од каде дојде токму во периодот кога жителите навистина имаа потреба од едно куче заштитник. А ова куче беше токму такво. Населбата беше постојано напаѓана од некои црни кучиња кои по цел ден лаеја, внесувајќи страв и напаѓајќи ги малите дечиња. Од нив не можеа да излезат од куќите. Сите беа многу уплашени. Кога се појави беше мошне слаб. Ама се обидуваше тоа да не го покажува. Стоички се поднесуваше. И кога лежеше ослабен тоа кај него изгледаше некако достоинствено. Првите денови го криеја од бесните кучиња кои вртеа околу куќата чуствувајќи нешто бидејќи беше бессилен. Жителите го засакаа и се грижеа за него. Набргу целосно закрепна и сите почнаа да го викаат Љупчо. Тој одеше во прошетка со мештаните, ги чуваше куќите и си играше со децата. Во него навистина имаше нешто посебно. А што е најважно ги избрка сите црни кучиња. Беше исклучително храбар. Светот го гледаше во црно бела боја. Уживаше во тоа место. Сите секој ден во него имаа се поголема доверба. А тој само горделиво ќе се прошеташе да види дали се е во ред и ќе легнеше под неговата омилена елка од каде можеше се да гледа.

Еден ден како некој да ги беше пратил од некаде во месноста се појавија уште две кучиња кои пак со својата несмасност ги засмејуваа жителите. Едното беше многу плашливо кое го доби името Зорица, а другото беше едно многу итро и многу снаодливо куче кое во секој миг го истакнуваше своето педигре. Во секоја ситуација веднаш знаеше да се снајде. Сите бељи кои ги правеа заедно беа поради неа. А на неа и дадоа име Моника. Тие заедно беа опасна екипа. Од очите им зрачеше топлина. Немаше ронка зло во нив. Го раздвижија местото. Постарите велеа дека три кучиња значи дека добра среќа е на пат. Беа омилени дури и кај оние луѓе кои не сакаа или се плашеа од кучиња. Дури и тие од време на време ќе се погрижеа за нив. Онака искрено како за човек. Со оваа урнебесна тројка секој ден беше различен. Најинтересни беа кога без никаков повод некаде ќе се затрчаа, а и самите не знаеја зошто го прават тоа. За да по некое време полека се вратат, еден позади друг на местото од каде што немирно истрчаа. Секојпат се радуваа на луѓето. Се радуваа на секого кој ќе им дофрлеше убав збор и верно го испраќаа до неговата куќа. Кај некого дури и преспиваа пред вратата од куќата. А децата преку нив го учеа својот однос кон животните. Дознаваа што е солидарност, што значи да се пружи и прими љубов и што значи пријателство. Во местото завладеа  една пријатна атмосфера. Сите беа среќни и задоволни.

Поминаа години, Љупчо почна да ги покажува првите знаци на изнемоштеност и старост. Почнуваше да го губи видот и тогаш за првпат го слушнаа да лае. До тој момент само со својата појава ги решаваше работите. Некаде ќе залаеја кучиња, тој само ќе се појавеше и настануваше тишина. Никогаш, ама никогаш не се огласи со лаење. Гордо се справуваше со се што ќе му се случеше. Имаше верба во животот и силно го зграпчуваше. Штом ќе му се доближева и ќе ги почуствуваше оние коишто вистински се грижеа за него, престануваше да лае и веднаш ја заземаше својата кралска поза правејќи се како ништо да не се случува. Кога ќе му донесеа ветеринар да му стави инекција знаеше да пушти само една солза. Од благодарност. И толку. Им подари љубов и луѓето како да сакаа да му вратат со иста мерка. Имаа чувство како тој да веруваше во една искрена љубов повеќе од се на светов. И зошто ги засрами, па сега молкум помагаа на ова куче што беше повеќе од тоа.

Една врнежлива ноемвриска ноќ жителите забележаа на едно место од ливадата огромен куп есенски лисја. Тоа за нив беше ново бидејќи тие тоа не го правеа, не ги собираа есенските лисја на едно место. Кога се доближија листовите почнаа да се мрдаат, а воопшто не дуваше ветер. Морничавата темнина и дождот допринесоа многумина да се уплашат и да се повлечат во своите куќи. Останаа малкумина кои не знаеја што да прават. Лисјата и понатаму се мрдаа и од купот во еден момент се појави едно големо бело рунтаво куче. Откако се смирија почнаа да ги расчистуваат лисјата и за многу кратко време увидоа дека неговите задни нозе му беа целосно искршени. Од удари со чекан како што ќе се утврди подоцна. Очигледно беше дека некој тука намерно го имаше оставено. Сосема заслужено си го доби името Среќко. Одненадеж во цел тој метеж се појави Љупчо. Гледаше мирно што се случува, ја вртеше главата час на една час на друга страна и не се обиде да се доближи до повреденото куче. Во тој момент се појавија Моника и Зорица со едно парче месо. Го оставија и сите тројца отрчаа во непознат правец. Присутните беа воодушевени од тоа што го гледаат. Од тој момент тие решија на Среќко да му дарат таква љубов што за многумина беше чудо што после некој период прооде, а до летото тој трчаше заедно со тројката како да бил со нив тука од секогаш. И кога сите беа среќни и задоволни тогаш среќата им ја помати газдата на Среќко кој дојде да си го земе назад своето куче. Не попушти и покрај молењето на огромниот број на жители. Беше упорен во својата намера и успеа. Го однесе Среќко. Тоа како да го скрши Љупчо. Почна да венее, седна во една позиција и шест дена не се помрдна. Сите почуствуваа кон што оди сето ова. Ама си молчеа и од време на време го надгледуваа. Седмиот  ден се појави една глутница кучиња која очигледно го испитуваше теренот. Љупчо како во старите добри времиња се исправи со последните сили за да го видат, направи еден круг низ целата населба, како да се збогуваше со сите, се врати на своето место седна и тивко замина.

Тој ден во населбата имаше посебна атмосфера. Сите беа во шок. Работниците кои го работеа околниот пат во близина на населбата дојдоа да помогнат со своите алати. Го ставија во една дупка на една мала ливада позади една куќа. Кога заврши сето тоа, сите седеа во населбата и молчеа. Тогаш едно детенце гледајќи ги им рече дека тој знае зошто кучињата живеат помалку од луѓето. Сите се свртеа изненадено кон него. Тоа што им го кажа ги зачуди. Никогаш не беа чуле поутешително објаснување. Таквото објаснување како да им помогна полесно да го пребродат заминувањето на нивниот миленик. Всушност тоа им го промени начинот на живот. Тој ги погледна онака наивно детски и им рече: Луѓето се раѓаат за да научат како да живеат добар живот, да ги сакаат сите цело време и да бидат фини, така? Па, кучињата веќе знаат како се прави тоа, па не мора да остануваат толку долго со нас. После настанатата непријатна тишина некој извика: Луѓе погледнете, еве го Среќко. Навистина Среќко се враќаше од кај ливадата каде што беше местото на Љупчо. Се насмевнаа. Полека почнаа да стануваат. Се појавија Мони и Зорица. Некој рече дека повторно местово го чуваат три кучиња. Значи дека добра среќа е на пат.