Живко Деспотоски: КУЌА НА РИДОТ

Не беше ваква како што е сега
цела заградена од сите страни,
никој немаше пристап во дворот
само ние тукашните, родените,
се’ беше хармонично подредено
домаќински како што прилега средено.
Отпосле почнаа расправиите, делбите
кој повеќе да присвои за себе,
се почна одвнатре од покуќнината
од јамболиите во разбојот ткаени,
не остана ништо за делење
само мувлосано со вошки ткаено ќебе,
и тоа на половина делено
да не можеш да се покриеш самиот себе.
Потем и плотарникот на средина се дели
остана одградена и секој влагаше од сегде,
и покривот и таванот на средина се руши
остана куќата без диреци и без трупци цели,
внатре владее штама и смртта демне од негде
сал во ќеларите сеќавањето самото се гуши.
Куќата на ридот не е веќе наша своина
секој фатил во делечина и ни трага не се знае,
ништо немаме од завист од нашата дедовина
сал споменот во фотографиите покриен со прашина,
во мувлосан долап созли мачни рони
во својата смртна постела во пепел смален.