Таму далеку, ама многу, многу, многу далеку на жолто-зелената планета со две сонца и седум месечини живее вонземјанчето Оирам. Оирам има весели сиви очи како песок, не сини како небото. Тој како и секое друго дете е многу љубопитен и сака да истражува и да открива нови нешта.
Многумина знаат да кажат дека е палаво детенце, но неговата баба Ечнел вели дека тој е само многу весел. И навистина Оирам е постојано насмеан. Тој ја обожава својата баба Ечнел и смета дека е најдобрата баба која постои. Секојпат со нетрпение очекува пред спиење да му ја чита неговата омилена бајка ,,Девојчето од зелено-сината планета”. Тој секогаш со најголемо внимание ја следи оваа бајка од збор до збор, а потоа сонува различни авантури со прекрасното другарче од некој друг свет. Соништата за неисцрпните авантури често ги споделува со својата постара сестра Анил, на која многу ѝ се восхитува.
–
Оирам само ќе ја погледнеше со веселите сиви очи и ќе се насмевнеше.
Но, некаде далеку, далеку, ама ептен многу далеку на зелено-сината планета со едно сонце и една месечина живее Ангела, девојче со кафеави очи како костени. Ангела како и секое друго дете сака да талка и да истражува, но и да пронаоѓа нови нешта.
Многу луѓе велат дека Ангела е многу темпераментна, но нејзината баба Стевка вели дека е само многу весела. И навистина лицето на Ангела постојано го краси прекрасна насмевка. Ангела смета дека нејзината баба Стевка е најдобрата баба на целиот свет. Ангела никогаш не заспива без баба Стевка да ѝ ја прочита нејзината омилена бајка ,,Вонземјанчето од жолто-сината планета” .
Ангела секогаш со огромен восхит ја слуша оваа бајка како да ја слуша за првпат, а потоа заспива и сонува нови авантури со нејзиното необично другарче. Таа многу сака да ги раскажува своите соништа за шаренилото од авантури на својата постара сестра Меланија, која везден ја слуша гледајќи ја со проникливите зелени очи.
– Ангела, тоа е само измислено другарче, не е вистинско. Бајките се измислени приказни за непостоечки светови – не ретко ќе ѝ речеше Меланија.
Ангела само ќе ја погледнеше со костенливите очиња полни со љубов и само ќе се насмевнеше.