viktor b. secerovski

Виктор Б. Шеќеровски: ВРЕМЕ КОГА НАДОЈДОА ГЛАСНИТЕ СТУДЕНИЛА

Лесно го кажуваш тој збор Сали Ибраиме
Кучкин син да сум брате
Не требаше така
Во нас страсната среќа
Гласно ја изговара нашата болест
Љубоморно ги чуваме раните Сали Ибраиме
А заеднички копнежот трепери во нашите
Коски брате Ибраиме

На Калемегдан кога зборуваше за Радожда
Не рече дека сум ѓубре белградско

Ор Сали Ибраиме
Ор брате Ибраиме
Морам да ти врзам шлаканица
Или да ми го зариеш ножот в срце

Го решаваме ли со чекан животот изморен
Кога до говорот ќе ни допре
Мирис од родниот крај
Или со ставена рака врз рака
Што гласно не предупредува
Колку сме заедничко време ор брате
Кога на Калениќевиот пазар јадевме сремски колбаси
И го ковевме заеднички планот
Како да го истепаме бригадирот
Кој го крадеше цементот од градилиштето

Погледај ор Сали Ибраиме
Невидено студенило се спушти
И не восхити
Треба заеднички да го откриеме лудилото
И да отидеме и да се напиеме
Како луѓе кои знаат да ја прославуваат
Својата Љубов
И својата Смрт